Крис Фрум размислува за напуштање на Инеос?

Четирикратниот шампион на Тур де Франс, Крис Фрум, разгледува опции за напуштање на Инеос и можен е трансфер пред почетокот на одложената сезона, објави велосипедскиот интернет-портал „Сајклингњуз“. Фрум (34) уште не го продолжил тригодишниот договор со Инеос што му истекува на крајот од годинава. Тој повеќепати изјави дека петтата титула на Тур де Франс му е главна цел годинава и оти планира да се трка најмалку уште четири години.
Лидерството во тимот на Инеос, со тројца победници на Тур де Франс во последните три години, Фрум во 2017 година, Герент Томас во 2018 и Еган Бернал во 2019-та, уште не е одредено. Бернал минатата недела изјави дека нема да се жртвува за кој било колега, ниту, пак, очекува некој друг да го стори тоа за него во иста ситуација. Слично размислува и Томас, лани второпласиран. Фрум не открива детали, повторувајќи дека е фокусиран на Тур.
– По тешката незгода лани и долгото закрепнување, убеден сум дека можам да се вратам во форма потребна за победа на Тур. Кој тим ќе биде по 2020 година, уште не знам. Немам намера да се пензионирам во скоро време. Ако ништо друго, несреќата ми даде поинаков поглед на работите и нови мотиви. Работев понапорно од кога било порано за да се вратам таму каде што бев и нема да дозволам тоа да биде за ништо – изјави Фрум. Л.Д.


СКИЈАЧКИ СКОКОВИ

Касаи третпат влезе во Гинисовата книга на рекорди

Големината на долгата кариера на легендата за скијачки скокови Нориаки Касаи (47) е докажана со многу извонредни бројки, а сега јапонскиот репрезентативец добил и писмена потврда за уште еден рекорд. Касаи влезе во Гинисовата книга на рекорди за најмногу стартови во Светскиот куп во скијачки скокови во рамките на Светската скијачка федерација (ФИС). Од 1988 до 2020 година, миленикот на гледачите учествуваше во вкупно 569 индивидуални натпревари.
– Ќе продолжам да давам сѐ од себе за да го подобрам овој рекорд – рече Касаи кога неодамна му беше предаден сертификатот за рекордот, пренесе ФИС.
Ова не е единственото признание за Касаи од Гинисовата книга на светски рекорди. Во минатото тој веќе беше награден за учеството на осум зимски олимписки игри и на 13 светски првенства.
Во сезоната 2014/2015 тој, исто така, стана и најстариот победник во историјата на натпревар од Светскиот куп на 42 години и пет месеци, кога го подели првото место со Швајцарецот Симон Аман во Рука (Финска).


ТЕНИС

Откажани уште 12 турнири

Уште четири тениски турнири за жени (во организација на ВТА) и осум за мажи (АТП), сите закажани за јули, нема да се одржат, како резултат на пандемијата на коронавирусот. Турнирот од ВТА во Палермо, кој треба да почне на 20 јули, моментно не е суспендиран, како и турнирот на АТП во Карлсруе.
– Поради постојаната неизвесност со актуелната пандемија, ја објавуваме нашата одлука за продолжување на суспензијата на тениските турнири. Исто како и љубителите на тенисот низ светот, го делиме разочарувањето што пандемијата влијае на турнирите. Продолжуваме да ги проценуваме сите можни опции во настојувањето да ја продолжиме сезоната веднаш штом ќе биде безбедно да се стори тоа, вклучувајќи ја и изводливоста на презакажувањето на турнирите подоцна сезонава. Како и секогаш, здравјето на тенисерите и на пошироката заедница и понатаму останува наш главен приоритет при секоја донесена одлука – вели Андреа Гаудензи, претседателот на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП).
Понатамошното ажурирање на календарот се очекува на средината на јуни, а истовремено Американската тениска асоцијација соопшти дека најверојатно тогаш ќе донесе одлука и за одржувањето на гранслем-турнирот САД опен. Г.И.


По 18 години ќе се игра британското тениско првенство?

Британската тениска асоцијација (ЛТА) соопшти дека планира првпат по 2002 година во тенискиот календар за годинава да го врати Националното првенство на Велика Британија, кое било прекинато поради намалена заинтересираност за учество. Во соопштението на асоцијацијата стои дека плановите им се во почетна фаза и дека планираат тоа да почне наесен, а мечевите да се играат без публика, проследени со сите здравствени протоколи наметнати од актуелната состојба од пандемијата на коронавирусот. Од ЛТА сметаат дека и овој пат за нив ќе биде вистински предизвик во натпреварувањето да ги вклучат најдобрите британски тенисери. Актуелниот капитен на Фед-купот, Ен Китавонг и Алекс Богдановиќ, се последните победници на националното првенство во 2002 година. Та.Д.