Награда за мир за Томас Бах
Претседателот на ИОК, Томас Бах, треба да ја добие наградата за мир на Сеул за 2020 година, објави ИОК.
– Голема чест е да ја добијам оваа награда. Ѝ се заблагодарувам на културната фондација за награда за мир во Сеул за нејзината одлука. Наградата му припаѓа на целиот ИОК и на целото Олимписко движење, бидејќи без поддршка од толку многу овие достигнувања за мир преку спортот никогаш не можеа да се остварат. Сите ние во Олимпиското движење ја земаме оваа престижна награда како охрабрување за понатамошно зајакнување на нашите напори да дадеме придонес кон мирот, солидарноста и единството на човештвото, во целата наша разновидност, преку спортот – рече Бах.
ЦИЕС: Од петте најсилни лиги младите најмалку играле во Англија
Во англиската Премиер-лига е забележан најнизок процент на минути на настап, 7,1, на 21-годишни или помлади играчи од сезоната 2015/2016, меѓу петте најголеми европски лиги (Англија, Германија, Франција, Италија и Шпанија), објави Фудбалската опсерваторија на Интернационалниот центар за спортски студии (ЦИЕС). Највисок процент меѓу тие лиги е измерен во Франција (15,4), потоа следуваат Германија (13,1), Италија (9,3), Шпанија (9,0) и Англија. Во анализата на ЦИЕС се опфатени 80 првенства од светот, а вкупно на првите три места се Естонија (31,1 отсто), Летонија (27,2) и Словенија (26,4).
Аталанта и во новата сезона продолжи со ефикасната игра
Аталанта, која во минатата сезона беше најефикасна во фудбалската Серија А со 98 гола, ја почнаа својата нова сезона со истиот забавен и ефикасен стил, откако со пресврт го победија на гости Торино со 4-2, во првиот меч за нив во новата сезона, пишува „Ројтерс“. Аталанта, која во минатата сезона имаше просек од 2,58 гола по меч, две сезони во низа е третопласирана во Италија и во двете беше најефикасна (во сезоната 2018/2019 постигна 77 гола). Лани Аталанта дебитира во Лигата на шампионите (стигна до четврт-финалето), а годинава пак ќе игра во натпреварувањето со најдобрите тимови во Европа.
Во Италија засега останува одлуката за по 1.000 гледачи на меч
Италијанската влада го отфрли предлогот да се дозволи повеќе гледачи да присуствуваат на спортски настани, вклучувајќи ја и фудбалската Серија А, објави „Ројтерс“. Регионите на Италија предложија сегашната граница од 1.000 гледачи да се зголеми на 25 проценти од капацитетот на стадионот. Сепак, владиниот техничко-научен комитет рече дека ваквиот потег би бил преран поради ситуацијата со ковид-19, но и дека може да ја преиспита својата одлука откако ќе има повеќе информации за влијанието на повторното отворање на училиштата во почетокот на септември врз состојбата со коронавирусот.
Едмундсон на ист меч двапати влезе во историјата на Бундес-лигата
Новакот Арминија одлично ја почна сезоната во германската фудбалска Бундес-лига со четири бода, а ова го должи и на Jоан Симун Едмундсон од Фарските Острови, пишува германскиот дневен спортски весник „Кикер“. Тој во клубот е од сезоната 2018/2019, во тоа време беше првиот фудбалер на таа земја во Втората лига на Германија (46 меча и девет гола). Едмундсон во саботата дебитира и во Бундес-лигата и постигна гол за победа над Келн и со тоа стана првиот од Фарските Острови со настап и со погодок во најсилната германска фудбалска лига.
Ѓоковиќ во трка и по рекордите на Сампрас и на Федерер
Откако го надмина Пит Сампрас минатиот понеделник, и достигна 287 недели како светски тениски рекет број 1, Новак Ѓоковиќ сега на оваа листа пред себе го има само Роже Федерер, кој помина рекордни 310 недели на првото место на АТП-листата. Ако не го испушти првото место во меѓувреме, Ѓоковиќ може да го престигне Федерер на 8 март в година, пишува на официјалната интернет-страница на АТП. Ѓоковиќ е во трка и шести пат да ја заврши годината на врвот на таа листа, со што би се израмнил со рекордерот во таа категорија, Сампрас (по пет пати први биле и Џими Конорс, Надал и Федерер).