Еден тениски турнир во 10 града
За да ја направи поподнослива паузата во регуларната натпреварувачка сезона, која е стопирана поради пандемијата на коронавирусот, и да ги одржи тенисерите активни, Германската тениска федерација (ДТБ) во 10 града ќе организира неофицијален турнир. На турнирот, кој треба да почне на 8 јуни, ќе учествуваат по 32 тенисери и тенисерки, а финалните мечеви се предвидени за 26 јули.
– Мислам дека ова е суперидеја, а со овој турнир на многу тенисери им се дава можност да одиграат добри мечеви, а и да заработат. Поканата за учество на овој турнир е многу значајна за нас – изјави германскиот тенисер Јан-Ленард Струг (34-от на листата на АТП), во интервју за ДТБ.
Кое: На децата ќе им треба повеќе спорт во постпандемискиот свет
На децата ќе им треба повеќе спорт во постпандемискиот свет, изјави претседателот на Светската атлетика, Британецот Себестија Кое.
Пандемијата предизвика хаос во спортскиот календар во сите дисциплини и нивоа, од училишните до професионалните. Во разговорот за „Ројтерс“ Кое вели дека планира да почне кампања за долгорочна заштита на иднината на атлетиката по завршувањето на глобалните карантини предизвикани од коронавирусот.
– Сакам атлетиката да биде спорт на кампања и ако не сме за младите и пристапот до спортот, можеме да се спакуваме и да си одиме дома. Кога ќе заврши оваа ситуација, мора да најдеме долгорочно решение – рече Кое.
Откажана е и Лигата на нациите
Поради моменталната ситуација со пандемијата на коронавирусот и поради нејзиното влијание врз градовите-домаќини, кои не се во можност да обезбедат безбедни и квалитетни услови за одржување висококвалитетни натпревари, Светската одбојкарска федерација (ФИВБ) ја откажа Лигата на нациите (ВНЛ) за 2020 година во двете конкуренции. Во женска конкуренција Лигата на нациите требаше да започне на 19 мај, а кај мажите на 22 мај. ФИВБ уште во март најави одложување на настанот, за да го заштити здравјето на играчите и на сите инволвирани, надевајќи се дека ќе најде датум за подоцна во годината. Меѓутоа со оглед пандемијата, комплексноста за организирање на глобалните настани низ повеќе земји-домаќини и посветеноста за зачувување на здравјето на учесниците, Советот на ВНЛ, Управниот одбор на ФИВБ и организаторите на настаните, заеднички се согласија да го откажат годинашното издание на лигата. На минатогодишното издание учествуваа 16 најдобри светски селекции во двете категории.