ФУДБАЛ
Американци го купија Милан за 1,2 милијарда евра
Американската инвестициска групација „РедБирд капитал“ го заврши договорот за купување на италијанскиот фудбалски клуб Милан, актуелниот шампион во Серија А, за 1,2 милијарда евра. „РедБирд“ е косопственик на „Јенкис ентертејмент спортс нетворк“, најгледаната регионална спортска мрежа во САД, пишува „Би-би-си“.
Спортското портфолио на „РедБирд“, кое вреди 7,5 милијарди долари, вклучува удели во Фенвеј спорт групацијата (ФСГ), која е сопственик на Ливерпул и на бејзбол-тимот Бостон Ред сокс, на францускиот Тулуз и на крикет-тимот Раџастан ројалс.
Милан лани ја освои првата титула во Серија А по пауза од 11 години. Сезонава е непоразен, со две победи и две ремија на првите четири натпревари, и е на третото место на табелата зад градскиот ривал Интер и зад лидерот Рома. Л.Д.
ТЕНИС – САД ОПЕН
Ву е прв Кинез што се пласирал во третата рунда
Ву Јибинг (22) си обезбеди место во тениската историја како прв Кинез што стигнал до третото коло на гранслем-турнирот во Њујорк. Тој во второто коло го порази квалификантот Нуно Борхес од Португалија, во трилер-меч што траеше пет сета и долги 3,47 часа (6-7, 7-6, 4-6, 6-4 и 6-4), по што во следната рунда ќе се сретне со бранителот на титулата, Русинот Данил Медведев.
Ву е првиот тенисер од Кина што стигнал до трето коло на некој гранслем- турнир, по Хо Син-Ки во истата фаза на Вимблдон 1946 година.
Ву претходно стана и првиот кинески тенисер што стигнал до второто коло на турнирот во Њујорк во опен ерата. Њујорк е среќен за Ву, бидејќи тој триумфира во младинска конкуренција на САД опен во 2017 година и се искачи на првата позиција на ранг-листата на ИТФ. Годинава Ву победи на три челенџер-турнири во САД. Л.Д.