БОКС
Шампионскиот појас на Али од 1974-та продаден за 6,18 милиони долари
Шампионскиот појас на боксерската легенда Мухамед Али од неговата победа над Џорџ Формен, во 1974 година, го купи сопственикот на НФЛ-тимот Индијанаполис колтс, Џим Ирсеј, за 6,18 милиони долари. Ирсеј, кој е познат колекционер на сувенири, го објави купувањето на Твитер, велејќи дека е „горд што го поседува“ историскиот појас на Светскиот боксерски совет (ВБЦ). Тој навести дека предметот може да биде прикажан на августовската изложба на неговата колекција во Чикаго, како и во септември во Индијанаполис. Цената на појасот е меѓу највисоките што некогаш биле платени за некој спортски сувенир. Али го предизвика претходно непоразениот Форман во Заир (сега Демократска Република Конго), го победи со нокаут и ја врати светската круна во тешка категорија. Али, кој почина во 2016 година, на 74-годишна возраст, ја задржа ВБЦ-круната до поразот од Леон Спикс, во 1978 година. Л.Д.
Репасаж и во атлетиката
Светскиот атлетски совет одобри иновација во редовниот формат на натпреварување за Летните олимписки игри во 2024 година, со воведување т.н. репасаж за сите поединечни трки од 200 до 1.500 метри, вклучувајќи ги и трките со пречки. Спортистите што нема да се квалификуваат според пласман во трките од првиот круг квалификации ќе имаат втора шанса да се пласираат во полуфиналето со учество на репасажните серии, пишува Светската атлетика (СА) на својата интернет-страница. Ова ќе го замени сегашниот систем, според кој атлетичарите напредуваа според најбрзите времиња покрај тие што беа меѓу водечките во првите квалификациски трки. Репасаж постои во други спортови, како борење, џудо, веслање… Овие атлетски дисциплини сега ќе имаат четири рунди, прв круг, репасаж, полуфинале и финале. На 100 м има прелиминарни рунди пред првата квалификациска трка, па репасаж нема да биде воведен за таа дисциплина, а и на подолгите трки, бидејќи потребата за соодветно закрепнување помеѓу рунди го прави форматот непрактичен, пишува СА.
ФУДБАЛ – ПРЕОДЕН РОК ВО ТИМОВИ ОД ЛШ
Најмалку измени во составот на Баер
Баер засега има најмалку измени во составот меѓу 26-те тима што директно се пласираа во групната фаза на Лигата на шампионите (ЛШ), според податоците на интернет-страницата на Европската фудбалска унија (УЕФА). Така, германскиот прволигаш во летниот преоден рок до саботата ангажирал еден фудбалер, а заминале четворица. Малку измени има и во Севилја (еден нов, шестмина заминале), Реал Мадрид (1/6), Атлетико Мадрид (2/7), Порто (3/6), ПСЖ (3/6), Бриж (4/5) итн. Со повеќе од 10 измени (заедно пристигнати и заминати фудбалери) се, на пример, Ајнтрахт (9/9), Интер (6/11), Селтик (6/11), Јувентус (5/11), Спортинг (7/9), Борусија Д. (8/7) итн.