ШАХ – СП ЗА СЛЕПИ И СЛАБОВИДНИ ЛИЦА

Македонија играше за пласман на 13-то место
Македонската репрезентација во разигрувањето за пласман на Светското првенство (СП) во шах за слепи и за слабовидни лица во Охрид ја совлада репрезентацијата на Косово со 3-1 и вчера играше за пласман на 13-то место со Словенија. На мечот со Косово победи забележаа Жарко Селковски (рејтинг 1.967) и Зоран Костадиновски (1.913), а ремизираа Миле Чапанов (1.951) и Санде Атанасов (1.853). За златниот медал вчера играа Србија и Полска, откако во полуфиналните дуели Полска ја совлада Шпанија, а Србија ја победи Украина. Во разигрувањето за пласман играа и Индија – Унгарија (за петтото место), Романија – Израел (за седмо), Италија – Германија (се деветто), Бугарија – Франција (за 11-то) и Хрватска – Косово (за 15-то). Г.И.


МЕДИТЕРАНСКИ ИГРИ

Двете ракометни титули за Шпанија

Шпанија ги освои златните медали во ракомет во женска и во машка конкуренција на Медитеранските игри (МИ) во Оран (Алжир). На турнирот за ракометарки, Шпанија во финалето ја победи Хрватска со 29-25, а на турнирот за ракометари славеше на дуелот со Египет со 28-27. Бронзените медали во двете конкуренции ги освои Србија. На МИ 2022 најмногу златни медали освои Италија, 48, а потоа се Турција со 45, Франција со 21, Алжир со 20, Шпанија со 16 итн.


ВИМБЛДОН, СЕНИОРИ
За влез во финалето играат Ѓоковиќ – Нори и Кирјос – Надал

Новак Ѓоковиќ – Камерон Нори и Ник Кирјос – Рафаел Надал се денешните полуфинални двојки (двете од 14 часот) на тенискиот гранслем-турнир Вимблдон. Нори и Кирјос играат за првата гранслем-титула на тревните терени на Вимблдон, Надал досега освои две, а Ѓоковиќ шест, од кои три на претходните три изданија на Вимблдон, во 2018, 2019 и во 2021 година (во 2020 не се играше поради пандемијата на коронавирусот). На турнирот за жени полуфиналето се играше вчера (играа Онс Жабер – Татјана Мариа и Елена Рибакина – Симона Халеп).