ФОРМУЛА 1
Некои тимови сакаат зголемување на тежината на болидите?

Поголемите гуми и големите промени во техничките правила, вклучувајќи ја и забраната за странични табли, забележаа зголемување на минималната тежина на болидите во Формула 1 за 43 килограми во споредба со 2021 година, но некои тимови сметаат дека сегашната граница за тежина од 795 килограми е уште премногу ниска, пишува шпанскиот дневен спортски весник „Марка“ на својата интернет-страница. За да се променат правилата, осум од 10-те екипи мора да се согласат за зголемување на тежината. Буџетското ограничување од 140 милиони долари ќе го ограничи развојот на тимовите сезонава, така што оние што имаат тешки болиди ќе сакаат да видат промена на правилата пред почетокот на сезоната, за да не мора да стигнуваат кога трките ќе почнат, пишува „Марка“. Ќе има уште три дена тестирања неделава, во Бахреин, од денеска до сабота, пред почетокот на сезоната на 20 март. Г.И.


АЛПСКО СКИЈАЊЕ – ВЕЛЕСЛАЛОМ, МАЖИ
Прв кристален глобус за „швајцарската ракета“ Одермат

Олимпискиот шампион во велеслалом, „швајцарската ракета“ Марко Одермат, го освои второто место (зад Норвежанецот Хенрик Кристоферсен) на трката во Светскиот куп во алпско скијање, во Крањска Гора, што му беше доволно за освојување на малиот кристален глобус во велеслалом. Тоа е прва негова титула. Одермат, кој сезонава победи на четири велеслаломи, има недостижни 207 поени пред Кристоферсен (забележа две победи сезонава во велеслалом) на две трки до крајот на сезоната.
Вчера имаше уште една велеслаломска трка во Крањска Гора, а финалето на крајот од сезоната е во Куршевел, Франција, следниот викенд, со трките во слалом, велеслалом, супервелеслалом и во спуст.
– Освојувањето на глобусот можеби не е толку емотивно како моментот кога ќе ја поминете целната линија и ќе победите на трка. Но кога ќе го држам глобусот во рацете сигурно ќе бидам многу горд – изјави Одермат, кој во генералниот поредок е втор, со заостанување од 269 поени зад Норвежанецот Александер Омод Килде, на пет трки до крајот на сезоната. Л.Д.


АЛПСКО СКИЈАЊЕ – СВЕТСКИ КУП, ЖЕНИ
Неизвесна трка за титулата, 56 бода разлика меѓу водечките

Катарина Лиенсбергер (Австрија) се врати на победничките патеки на слаломот во Оре (Шведска), што е нејзин прв успех во Светскиот куп во алпско скијање од пред една година. Австриската светска шампионка за 16 стотинки победи пред вистинското изненадување на денот, Мина Фуерст Холтман (Норвешка).
Третото место ѝ припадна на Мишел Гисин (Швајцарија), која годинава се искачи на три подиуми во три различни дисциплини. Слаломските кралици Петра Влхова (Словачка) и Микаела Шифрин (САД) останаа надвор од подиумот, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС) на својата интернет-страница.
Тој резултат ја разгорува трката за вкупен пласман (голем кристален глобус), откако разликата сега е 56 бода во корист на Шифрин, додека влегуваме во неделата на финалето на Куршевел (Франција), со трките во слалом, велеслалом, супервелеслалом и во спуст.