КАРАТЕ
Почнува Премиер-лигата, со нов систем на натпреварување

Македонските каратисти од утре до недела ќе бидат пред првиот годинашен предизвик. Во Обединетите Арапски Емирати ќе се одржи првиот турнир годинава од престижната Премиер-лига. Македонија ќе ја претставуваат шестмина каратисти. Во кати ќе настапи Александар Неделковски, а во борби Ангела Мојсовска (категорија до 68 кг), Емил Павлов (до 67 кг), Петар Спасеновски (до 84 кг), Симона Заборска (до 55 кг) и Петар Заборски (до 75 кг).
– Ова е прв турнир во годинашнава Премиер-лига, со нов формат, каде што најдобрите 32 од секоја категорија ќе се натпреваруваат по нов систем, односно има осум групи со по четворица натпреварувачи. Прво ќе се оди по бергер-систем, секој со секого, а потоа најдобриот од секоја група ќе се пласира во четврт-финалето. Очекувам пред сѐ да се покажам во добро светло на овој турнир, каде што ми е најбитно да ја проверам мојата моментна форма. Моја главна цел годинава се Европското првенство во Турција, во мај, и Светските игри во САД, во јули – вели најдобриот македонски каратист Емил Павлов.
На турнирот се пријавени 342 каратисти од 55 држави.


КОШАРКА – ЖДРЕПКА ВО МИНХЕН
Кадетите против силни ривали на ЕП во Скопје

Кадетската кошаркарска репрезентација на Македонија доби силна група на Европското првенство (ЕП) во Скопје годинава (од 12 до 20 август). По ждрепката во Минхен, во групата Д се Македонија, Русија, Грција и Шпанија. Кадетите (кошаркари до 16 години) се единствените македонски претставници во елитната дивизија. Ова ЕП требаше да се одигра во 2020 година, но двапати беше одложено поради ковид-19. Шпанците се најтрофејни во оваа конкуренција со пет титули. Македонските јуниори (играчи до 18 години), пак, ги добија ривалите во групата на ЕП во дивизијата Б, во Орадеа, Романија (од 29 јули до 7 август), и ќе игра со Финска, Белгија, Шведска, Австрија и со Кипар. Македонската селекција за кошаркари до 20 години на ЕП во дивизијата Б во Тбилиси, Грузија (од 15 до 24 јули), е во група со Грузија, Шведска, Косово и со Австрија.