ВЕЛОСИПЕДИЗАМ
Во Љубаништа се одржа трка од државното првенство во велокрос
Автокампот Љубаништа беше домаќин на Државното првенство (ДП) во велокрос, во организација на ВК Спидбајк од Кичево и Велосипедската федерација на Македонија (ВФМ). Ова натпреварување се одржува во зимски услови, а ВФМ има во план четири вакви натпревари, кои се бодуваат за ранг-листа во оваа дисциплината. Кај сениорите победи Емил Цветанов од клубот Крос сајклинг. Најдобар кај јуниорите беше Александар Милошевски од Вело-М, во кадетска конкуренција најбрз беше Леон Милетиќ од Вело-М, а во категоријата мастер триумфира Љубиша Кондев од Енерџи. Во женска конкуренција во оваа дисциплина победи Дуња Иванова од Енерџи, а второто место го освои Анита Величковска од клубот Оксижен. Г.И.
ФУДБАЛ – КУП НА НАЦИИТЕ НА АФРИКА
Трагичен инцидент надвор од стадионот пред мечот Камерун – Коморски Острови
Човечки жртви и десетици повредени има во главниот град на Камерун, Јаунде, надвор од стадионот пред мечот Камерун – Коморски Острови (2-1) во осминафиналето на фудбалскиот Куп на нациите на Африка. Според првите извештаи, во трагичниот инцидент загинале осум лица, а повеќе десетици биле повредени, соопшти Владата на Камерун. И Конфедерацијата на Африканскиот фудбал (КАФ) објави дека го истражува случајот: „Моментно ја истражуваме ситуацијата и се обидуваме да добиеме повеќе детали за тоа што се случило. Ние сме во постојана комуникација со Владата на Камерун и со локалниот организациски комитет“.
Дебитантот Гамбија, најслаборангираната меѓу 24 земји учеснички, 150-та на листата на Светската фудбалска федерација (ФИФА), исто така, се пласира во четврт-финалето победувајќи ја Гвинеја со 1-0. Л.Д.
ОСМИНАФИНАЛЕ
Тунис – Нигерија 1-0
Буркина Фасо – Габон 1-1 (7-6 п.)
Гвинеја – Гамбија 0-1
Камерун – Коморски О. 2-1
Сенегал – Зелено’ртски О. синоќа
Мароко – Малави синоќа
БСК – Египет 17 ч.
Мали – Екв. Гвинеја 20 ч.