ЕП ВО ЗАБРЗАН И ВО БРЗ ШАХ
Титулите за Дуда и за Мотилев
Полскиот велемајстор (ВМ) Јан Кшиштоф-Дуда (2.792 рејтинг-поени) во брз и Русинот Андреј Мотилев (2.703) во забрзан шах се новите европски прваци по турнирите што се одржаа во Катовице (Полска).
По 11 кола (време за размислување три минути, плус две секунди по секој одигран потег по играч), во конкуренција на 316 учесници, Дуда освои 18 поени. Со половина поен помалку, како втор заврши неговиот сонародник Мачиеј Клековски (рејтинг 2.444), а осуммина беа еднакви на третата позиција, па по дополнителниот тајбрејк, бронзата му припадна на Русинот Антон Демченко (рејтинг 2.531), со 16,5 поени.
Во забрзан шах (15 минути, плус 10 секунди за секој одигран потег по играч), во конкуренција на 571 учесник, Мотилев, Германецот Александар Донченко (рејтинг 2.535) и Литванецот Паулиус Пултиневичиус (2.536) имаа по 9,5 поени по 11 кола, но дополнителните критериуми беа на страната на Мотилев, Дончеко е втор, а трет Пултиневичиус.
Од сабота до 31 декември во Варшава ќе се одржи и Светското првенство во забрзан и во брз шах, на кое ќе настапат многу врвни шахисти, меѓу кои и светскиот првак во класичен шах Магнус Карлсен. Г.И.
АЛПСКО СКИЈАЊЕ – СВЕТСКИ КУП
Прва победа на Кристоферсен по две години
Хенрик Кристоферсен победи на велеслаломската трка во Алта Бадија, Италија, во Светскиот куп (СК) во алпско скијање. Претходната победа тој ја забележа токму во Алта Бадија, во 2019 година. Норвежанецот, кој сезонава ниту еднаш не се искачи на победничкиот подиум, беше седми по првата трка, но во втората имаше одличо возење и заслужено победи. Швајцарецот Марко Одермат, лидерот во СК, кој победи на првите два велеслалома, во Зелден и во Вал д`Изер, беше втор, со заостаток од 31 стотинка, а трет беше Австриецот Мануел Фелер, кој доцнеше 37 стотинки. Кристоферсен, кој забележа 24 победи во СК (19 во слалом и пет во велеслалом), се искачи на 16-та позиција на листата на најуспешни скијачи, заедно со Италијанецот Густаво Тени и со Швајцарецот Петер Милер. Тој е вториот норвешки скијач со најмалку пет победи во велеслалом во СК. Најуспешен е Кјетил Андре Омот, со шест. Л.Д.