РАКОМЕТ – СП ЗА ЖЕНИ
Светскиот првак Холандија остана без медал

Репрезентацијата на Холандија нема да го брани златото освоено во Јапонија во 2019 година, ниту ќе освои медал на 25. Светско првенство (СП) во ракомет за жени, кое се игра во Шпанија. За тоа се погрижи трикратниот светски првак и актуелен европскиот шампион Норвешка (четвртопласирана на СП 2019), откако во 5-то коло во главната групна фаза славеше со 37-34.
Ова на најдобар можен начин го искористи Шведска (никогаш не била светски првак), која ја совлада Романија, со 34-30, со што си обезбеди четврт-финале, освојувајќи го второто место во групата 2 со осум бода, трета е Холандија со седум, а првопласираната Норвешка има девет бода. Во дерби-дуелот за врвот во групата 1, актуелниот олимпискиот првак и двократен светски шампион Франција ја совлада Русија, со 33-28.
Вчера за пласман во полуфиналето играа Данска – Бразил и Шпанија – Германија, а денеска се двојките Норвешка – Русија и Франција – Шведска. Засега прв стрелец на СП 2021 е Швеѓанката Натали Хагман, со 62 гола, пред Казахстанката Ирина Александрова, Аргентинката Елке Карстен и Австријката Патриција Ковач, сите со по 43 гола. Најмногу асистенции впиша Ковач (45), пред Холанѓанката Лариса Нусер (45), а во вкупниот збир на голови и асистенции води Ковач со 89 (43+46), пред Јапонката Натсуки Аизава и Мигуеонг Ли од Јужна Кореја, со по 74 (32+42). Г.И.


ФУДБАЛ

Новата топка за ЛШ во знакот на белите ноќи во Санкт Петербург

Белите ноќи налето во Санкт Петербург беа инспирацијата на „Адидас“ за дизајнот на официјалната топка за финалето во Лигата на шампионите (ЛШ) на 28 мај в година, објави Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница. Помеѓу мај и јули, сонцето не заоѓа во Санкт Петербург, но ако ѕвездите бидат невидливи на 28 мај, вечерта кога ќе се игра финалниот натпревар, ќе бидат насекаде на теренот, кога двата финалисти ќе играат за еден од најпрестижните трофеи во светскиот клупски фудбал, пишува УЕФА.
Новата топка ќе се користи и на другите натпревари во нокаут-фазата во ЛШ, од февруари. Германскиот производител на спортска опрема „Адидас“ е партнер на УЕФА неколку децении и е спонзор на Европското првенство (ЕП) во 2024 година, кое ќе се одржи во Германија, како и на сите натпреварувања на УЕФА за фудбалерки од 2021 до 2025 година. Л.Д.


ФУДБАЛ – ШПАНИЈА

Во Ла лига влегуваат над две милијарди долари

Генералното собрание на шпанската Ла лига, односно 37 од 42 клуба од Првата и од Втората лига, гласаше за прифаќање на инвестицијата вредна 2,25 милијарди долари од интернационалната компанија ЦВЦ, со приватен капитал и со седиште во Луксембург. Еден клуб беше воздржан, а Барселона, Реал Мадрид, Атлетик Билбао и Ибица беа против. За да биде изгласан предлогот беа потребни 32 клуба.
Според Ла лига, 70 отсто од тие средства ќе бидат искористени за инвестиции поврзани со „инфраструктура, меѓународен развој, развој на бренд и производ, комуникациска стратегија, иновации и технологија, како и план за развој на содржини за дигитални платформи и социјални медиуми“. Претседателот на Ла лига и иден претседател на „Буст Ла лига“, Хавиер Тебас, тврди дека договорот со ЦВЦ е голем чекор за лигата. „Дури и за Реал Мадрид и за Барселона, бидејќи тоа ќе ѝ помогне на нашата лига да биде подобра и поконкурентна“, изјави тој. Л.Д.