ШАХ – ИНТЕРНЕТ-СЕРИЈА НА ШАМПИОНИТЕ, ФИНАЛЕ
Карлсен стана прв онлајн победник
Светскиот шаховски првак Магнус Карлсен победи на интернет-серијата на шампионите, две кола пред официјалниот крај на финалниот турнир. Норвежанецот беше прв во генералниот пласман и по регуларниот дел од девет турнири. Карлсен го обезбеди целосниот триумф, откако неговиот најголем ривал, Американецот Весли Со, кој единствено можеше да го загрози, загуби во шестото коло од Тимур Раџабов (1-3), а во 7-то коло и од Левон Аронијан (0,5-2,5), па предноста на Карлсен стана недостижна, иако и Карлсен загуби во 7-то коло (1-3) од Раџабов.
На тој начин Карлсен стана и неприкосновен онлајн шахист во светот. Со победата, тој освои 100.000 долари, а кон нив додаде и 215.000 долари од претходните поединечни турнири, во кој славеше трипати. До крајот на финалниот турнир има уште две кола (вчера и денеска). На овој финален турнир играат 10 шахисти, но без нокаут-систем, временската контрола е 15 минути, плус 10 секунди по секој одигран потег по играч. Секое коло се состои од четири партии, а ако биде нерешено се игра со побрзо временско темпо.
Карлсен по овој турнир ќе се подготвува за одбрана на титулата светски првак во класичен шах во Дубаи (од 24 ноември до 16 декември) против претендент Јан Непомнијашчи од Русија.
Табела по седмото коло: Карлсен 28,5 поени, Со 21,5, Раџабов 21, Аронијан 18, Накамура 16, Артемиев13,5, Вашер-Леграв 13,5, Гири 11,5, Дуда 11, Мамеѓаров 9,5, бода.
КОШАРКА
Браќата Митровски во историјата на ФИБА-натпреварите
На кошаркарскиот дуел од Еврокупот на ФИБА во Софија, помеѓу Ираклис и Трефл Сопот, првпат се случи да судат двајца браќа, и тоа токму Македонци. Тоа беа судиите со знакот на ФИБА, Зоран и Игор Митровски, кои и ќе останат запишани во историјата на европските кошаркарски натпреварувања како први браќа што ја делеле правдата на официјален натпревар на ФИБА.
КАРАТЕ – ПО ИЗБОРНИОТ И ПЛЕЈОФ-ТУРНИР ЗА СП
Се наѕира македонската репрезентација за Дубаи
По Државниот изборен турнир минатата недела, во Скопје се одржа и плејоф-турнирот за избор на сениорската карате-репрезентацијата во борби и во кати, која ќе настапи од 16 до 21 ноември годинава на Светското првенство (СП) во Дубаи, ОАЕ. Кај мажите во борби, сите што славеа на Изборниот турнир, ја потврдија својата доминација и на саботниот плејоф-турнир, а кај девојките има две нови победнички.
– За мене нема дилеми. Најдобрите се знаат. Наскоро и официјално ќе го соопштам составот до УО на КФМ. А за тоа што некои каратисти не се појавија на вториот турнир, си има правилник на КФМ и јас не можам да одам против него. Задоволен сум од борбите и на двата турнира, конкуренцијата беше голема затоа и не се знаеше до последен момент кој ќе биде најдобар. Благодарение на доброто судење, задоволен сум од квалитетот и резултатите. Подготовките за СП почнуваат веќе овој викенд и ќе ги има секој нареден во Скопје и Штип, сѐ до одењето на СП – вели македонскиот селектор во борби Сашко Арсовски.
Во дисциплината кати, во машка конкуренција повторно неприкосновен беше Александар Неделковски од Металург, а во женска конкуренција победи Мартина Арсовска од Гладијатор.
– Задоволен сум како од бројот така и од квалитетот на прикажаните кати и на двата турира, но и од квалитетот на судењето, во кое имаше петмина врвни странски судии, тројца од Србија и двајца од Косово. Настапија 17 каташи и 12 каташки, што е многу повеќе отколку во минатите години. Сметам дека во кати не заостануваме многу од странските натпреварувачи, но, сепак, е потребно многу повеќе клубови да работат и со кати, да има повеќе меѓународни настапи заради стекнување искуство, а и финансиски наградувањето во борби и во кати да биде на исто ниво, а не како што е сега. Јованоска не настапи на вториот турнир, оти се пожали дека има температура и затоа не сакав да ризикувам околу нејзиниот настап. Подготовките за СП ќе ги одржиме заедно со каратистите во борби – ни изјави селекторот на Македонија во кати, Стојан Андриевски.