ОДБОЈКА
Меморијален турнир „Бранко Хаџи Иљоски-Чајка“
Во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје од денеска до сабота ќе се одржува 45. меморијален одбојкарски турнир „Бранко Хаџи Иљоски-Чајка“.
На турнирот, покрај домаќинот Македонија, ќе настапат репрезентациите на Црна Гора, Словачка и на Израел. Во првото коло (денеска) играат Словачка – Израел (17 ч.) и Македонија – Црна Гора (20 ч.). За Македонија, како и за Црна Гора и Словачка, овие натпревари ќе бидат дел од подготовките за настапот на завршниот турнир на претстојното Европско првенство (ЕП), кое започнува на 1 септември.
Македонија минатата недела одигра два контролни дуела против актуелниот европски првак Србија во Белград, и двата ги загуби со по 0-3. Тоа беа први мечеви за Македонија по речиси едномесечните подготовки во Маврово. Л.Д.
СУПЕРКУП НА ГЕРМАНИЈА
Прв трофеј за Нагелсман со Баерн
Роберт Левандовски постигна два гола за Баерн во победата над Борусија Дортмунд, од 3-1, во Суперкупот на Германија, во кој играа првакот и победникот на купот, на стадионот „Вестфален“.
Левандовски (32) има постигнато 24 гола на исто толку натпревари против Борусија Дортмунд, каде што помина четири години, од 2010-та до 2014-та. За Баерн ова беше шеста победа во низа против Борусија.
За новиот тренер на Баварците, Јулијан Нагелсман, ова беше прва победа и прв трофеј со Баерн, што освои и минатата година, победувајќи ја Борусија, но тогаш во Минхен.
Фудбалерите на двата тима носеа црни ленти во знак на почит кон легендарниот напаѓач на Баерн, Герд Милер, кој почина на 75-годишна возраст. За време на загревањето, играчите на Баерн носеа дресови со името на Милер и бројот 9 на грбот. Л.Д.
ПРОДОЛЖУВААТ ГОЛЕМИТЕ НБА-ТРАНСФЕРИ
За Ембид 196 милиони долари
Филаделфија не сакаше да го чека последниот момент, па ја искористи првата шанса да ѝ понуди на најголемата sвезда во тимот, Џоел Ембид (27), продолжување на договорот за уште четири сезони, за сума од 196 милиони долари. Камерунскиот центар ќе го потпише продолжување на договорот, кој ќе стапи во сила од летото 2023 година, што е, пак, како што наведува ЕСПН, супермаксимален договор.
Центарот на Камерун го заслужи ова парично продолжување со освојување на второто место во трката за наградата најкорисен играч (МВП) и изборот во вториот тим во НБА-лигата со просек од 28,5 поени и 10,6 скока на 51 натпревар од регуларната сезона.
Летово, пред Ембид, максимални договори потпишаа, Лука Дончиќ и Далас (пет години – 207.060.000 долари, почнувајќи од 2022 година), Стеф Кари и Голден стејт (четири години – 215.353.664 долари, почнувајќи од 2022), Кевин Дурант и Бруклин (четири години – 194.219.320 долари, почнувајќи од 2022), Шеј Гилгес Александар и Оклахома сити (пет години – 172.000.000 – почнувајќи од 2022), Џими Батлер и Мајами (три години – 136.400.000, почнувајќи од 2023 година). Г.И.