ФУДБАЛ
Салах прв во Ливерпул што во три сезони постигнува барем 20 гола

Египетскиот напаѓач Мохамед Салах го постигна единствениот гол за Ливерпул на мечот со Њукасл (1-1) на стадионот „Енфилд“, па си обезбеди место во клупската историја со тоа што стана првиот фудбалер што постигнал по 20 гола за „црвените“ во три сезони во Премиер-лигата.
За Ливерпул во минатото настапуваа голем број врвни напаѓачи, како Роби Фаулер, Фернандо Торес и Луис Суарез, но ниту еден од нив не успеа да постигне толку голови. Салах беше пример за постојаност во текот на сите сезони на „Енфилд“, по доаѓањето во Ливерпул од Рома во летото во 2017 година.
Во дебитантска сезона 2017/2018, тој постигна 44 погодоци во сите натпреварувања, од кои 32 беа во Премиер-лигата, што беше доволно да ја освои „златната копачка“. Тоа признание го освои и во следната сезона, 2018/2019, постигнувајќи 22 гола, колку и Садио Мане и Пјер-Емерик Обамејанг. Вкупно, за Ливерпул, Салах досега постигна 123 гола на 198 меча. Л.Д.


Керли со време 9,91 секунди на 100 метри влезе во историјата на атлетиката

Освојувачот на бронзен медал на 400 метри на Светското првенство во атлетика во 2019 година, Фред Керли (САД), го постави својот петти личен рекорд во трка на 100 метри годинава, но сега пробивајќи ја бариерата од 10 секунди првпат во својата кариера. Тој на митинг во Мајами во саботата забележа време од 9,91 секунди, пишува Светската атлетика (СА).
Керли (25), кој пред оваа година шест години не се натпреваруваше сериозно во дисциплината 100 метри, минатиот месец постави лични рекорди на 100 метри со времиња од 10,15 и 10,11 секунди, а потоа следуваа трки со времиња од 10,06 и од 10,03 секунди.
Со резултатот од 9,91 секунди, Керли стана само третиот човек во историјата на атлетиката што трча 100 метри побрзо од 10 секунди и 400 метри побрзо од 44 секунди (најдоброто време му е 43,64 секунди). Тој им се приклучи на Вејд ван Никерк (Јужна Африка, најдобри резултати 9,94 секунди на 100 метри и 43,03 на 400 метри, според податоците на СА) и на Мајкл Норман (САД, 9,86 и 43,45) во тој ексклузивен клуб, пишува СА на својата интернет-страница.


ФУДБАЛ
Челси не знае за пораз на гости

Челси го совлада Вест хем на гости со 1-0 во меч од англиската фудбалска Премиер-лига, а менаџерот на „сините“, Германецот Томас Тухел, не претрпи пораз и на 10-то гостувања откако ја презеде функцијата (осум победи и две ремија) што е клупски рекорд.
Тој е вториот менаџер во историјата на англиската Премиер-лига што не загуби со својот тим на првите 10 гостувања во сите натпреварувања, по Клаудио Раниери со Лестер во 2015 година (непоразен беше во првите 11 натпревари).
На тие 10 натпревари екипата предводена од Тухел (47) постигна 14, а прими само три гола. На 10 од 14-те натпревари во Премиер-лигата, Челси нема примено гол под водство на Тухел, кој го повтори успехот на Луиз Фелипе Сколари, кому такво нешто му успеа во 2008 година.
Од првиот натпревар на Тухел во англиската Премиер-лигата во јануари, само Манчестер сити освои повеќе бодови (36) од Челси (29). Л.Д.