КОШАРКА
Кој ќе биде 15-от селектор на Македонија?

Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) денеска напладне на прес-конференција ќе го промовира новиот, 15-ти по ред селектор на машката сениорска репрезентација. Тој ќе го замени досегашниот селектор Александар Тодоров, кој на оваа функција беше назначен на 25 декември 2019 година, а дојде на местото на Јорданчо Давитков.
Според непотврдени информации што циркулираат низ кошаркарските кулоари, како нов селектор се споменува Србинот Драган Бајиќ (47), кој повеќе години ја тренира екипата на Игокеа од Александровац (БиХ). Тој има големо искуство во настапите во Јадранската лига, го одведе клубот во полуфиналето сезонава и е кандидат за наградата тренер на годината во ова натпреварување.
Досега македонската репрезентација ја водеа 14 тренери, од кои Давитков и Марин Докузовски во два наврата. По еднаш на кошаркарското кормило беа Александар Књазев, Благоја Георгиевски, Стерија Андоновски, Лазар Лечиќ, Заре Марковски, Јовица Арсиќ, Марјан Лазовски, Алеш Пипан, Александар Џикиќ, Марјан Србиновски, Драган Раца и Тодоров. Г.И.


КОШАРКА – НБА
Вестбрук постави нов рекорд и ита кон уште во т.н. трипл-дабл

Стеф Кари уфрли 47 поени во поразот на неговиот тим Голден стејт од Бостон, односно три повеќе од неговиот конкурент на дуелот, Џејсон Тетјум, во меч од кошаркарската НБА-лига. За Кари (33) ова беше 10-ти меч во низа во кој постигна повеќе од 30 поени. На тој начин тој се израмни со Коби Брајант, кој го држеше рекордот според бројот на натпревари во низа со 30 и повеќе поени, а да има најмалку 33 години. Брајант ја оствари оваа серија во декември 2012 година.
Кошаркарот на Вашингтон, Расел Вестбрук (32), пак, стана првиот играч во историјата на НБА-лигата што постигнал 15 т.н. трипл-дабл (двоцифрен ефект во три статистички категории) на 20 натпревари, од кои седум во низа. Тој го оствари 15-от во победата над Детроит (121-100) со 15 поени, 14 скока и 11 асистенции. Вестбрук сега има најмалку 25 триплдабл-ефекти во четири различни сезони, што е најмногу во историјата на НБА. Тој може да се пофали со вкупно 171 трипл-дабл во кариерата, само 10 помалку од рекордот на сите времиња, кој е во сопственост на Оскар Робертсон. Вестбрук и Робертсон се единствените играчи во историјата на НБА со најдобар просек на триплдабл-ефект во текот на целата сезона, а Вестбрук е на чекор да го оствари ова по рекорден четврти пат годинава. Г.И.


ТЕНИС – СО ТРИУМФОТ НА ТУРНИР ВО ФРАНЦИЈА

Ѓорческа ја освои 53-та титула

Лина Ѓорческа ја освои својата 53-та тениска титула, откако во финалето во конкуренција на двојки победи заедно со Французинката Амандин Хесе на турнирот што се играше во Франција, на тврда подлога, за вкупен награден фонд од 25.000 долари. Ѓорческа и Хесе, кои беа први носителки на турнирот во двојки, не загубија ниту еден сет на патот кон трофејот.
Според податоците на интернет-страницата на Интернационалната тениска федерација (ИТФ), за Ѓорческа ова беше 42. титула во двојки, а има и 11 триумфи на турнири во поединечна конкуренција. Со победата на турнирот во Калви, Ѓорческа освои и нови поени за ВТА-листата, чие ново издание треба да биде објавено денеска.


За Челси, кој го победи Манчестер сити со 1-0 во полуфиналето на ФА-купот, ова ќе биде четврто финале во претходните пет сезони, вкупно 15-то. Во мечот за трофејот ќе се сретне со победникот од мечот Лестер – Саутемптон

ФУДБАЛ – АНГЛИЈА, ФА-КУП
Тухел: Игравме храбро и бевме многу самоуверени

Челси го совлада Манчестер сити во првото полуфинале на фудбалскиот ФА-куп со 1-0 (стрелец Хаким Зијеч во 55-та минута) и се пласира во финалето во кое ќе се сретне со подобриот од второто полуфинале, Лестер – Саутемптон (играа синоќа). Челси со тоа им стави крај на надежите на Сити за освојување четири трофеи сезонава, во Лигата на шампионите (ЛШ) во која Сити во полуфиналето ќе игра против ПСЖ, во Премиер-лигата во која е лидер, и во Лига-купот во кој во финалето на 25 април ќе игра против Тотенхем.
За Челси ова ќе биде четврто финале во претходните пет сезони, вкупно 15-то. Само Арсенал (21) и Манчестер јунајтед (20 пати) биле поуспешни. Томас Тухел, менаџерот на Челси, стана првиот тренер од Германија што стигнал до финале на англискиот ФА-куп. Од доаѓањето на Тухел во Челси, во јануари, „сините“ немаат примено гол на 14 од 19 одиграни меча во сите натпреварувања, што е најдобар ефект од сите тимови во петте најдобри европски лиги (Англија, Шпанија, Франција, Германија и Италија).
– Многу сум среќен и горд на нашиот тим затоа што игравме храбро, со топката и против топката и бевме многу самоуверени. Ако играте против Пеп Гвардиола, знаете дека играте против највисокото ниво на Европа, бидејќи каде и да беше, во Барселона, Баерн и сега во Манчестер сити, тој со години беше репер со неговите тимови. Можете да го видите тоа и во Премиер-лигата – изјави Тухел, за кого ова беше прв триумф против тим на Гвардиола. Л.Д.


Норич е првиот тим по Њукасл во 2017-та што по само една сезона се враќа во најквалитетната англиска лига. Шефилд, по две сезони во Премиер-лигата, испаѓа во Чемпионшип

ФУДБАЛ – АНГЛИЈА
Норич нов премиерлигаш, Шефилд
се сели во дивизијата Чемпионшип

По пауза од само една сезона во англиската фудбалска дивизија Чемпионшип и на пет кола до крајот на сезоната, Норич предводен од менаџерот, Германецот Даниел Фарке, се враќа во Премиер-лигата, петти пат од нејзиното формирање во 1992-та, најмногу од сите клубови. Норич е првиот тим по Њукасл во 2017-та што по само една сезона се враќа во најквалитетната лига.
Норич сега има 90 бода и само Вотфорд, кој има осум поени помалку, може да му ја одземе третата титула на Норич во ова натпреварување (во Премиер-лигата директно се пласираат првите два тима). Ова е и најрано обезбеден пласман во Премиер-лигата за Норич, по првиот во 2004 година. Норич минатата сезона загуби 13 од последните 15 натпревари во Премиер-лигата, но во клубот останаа смирени и имаа верба во Фарке и во јадрото на тимот од претходната сезона што се покажа како добар потег. Играта сезонава е подефанзивна, тимот прими само 31 гол на 42-та меча (на 19 средби не прими гол), а постигна 66, од кои 25 се на Финецот Темо Пуки.
И додека Норич го слави пласманот во Премиер-лигата, Шефилд и формално испаѓа во Чемпионшип, по две сезони во Премиер-лигата и по поразот на гости од Вулверхемптон (0-1). Шефилд има 26 порази на 32 меча, со кои стана четвртиот тим што испаѓа од лигата во оваа фаза, по Ипсвич (1994/95), Дерби (2007/2008) и Хадерсфилд (2018/2019). Сезонава Шефилд загуби 16 натпревари, примајќи само еден гол, и се израмни во оваа категорија со Ипсвич од сезоната 1985/86. Л.Д.