КОШАРКА
Јокиќ е деветти играч со 50 т.н. трипл-дабл во НБА

Никола Јокиќ постигна 37 поени, 10 скока и 11 асистенции во победата на Денвер над Милвоки и ја продолжи одличната сезона во кошаркарската НБА-лига. Јокиќ со тој т.н. трипл-дабл (двоцифрен ефект во три статистички категории) влезе во историјата запишувајќи го својот 50-ти трипл-дабл во кариерата и стана деветти играч во историјата на НБА-лигата што го достигнал тоа, а трет најмлад. Само Оскар Робертсон и Меџик Џонсон беа помлади кога стигнаа до 50-от трипл-дабл.
Јокиќ, исто така, му се приклучува на Вилт Чембрлен како единствен друг центар кому му успеало ова. На Јокиќ му беа потребни 416 меча за да го постигне овој подвиг. Г.И.


СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО СКИЈАЧКИ СКОКОВИ
Лундби ја освои историската прва титула

Олимписката шампионка, Норвежанката Марен Лундби (24), стана првата светска шампионка во скијачки скокови на големата, 120-метарска скокалница. Таа на Светското првенство (СП) во Оберсдорф прескокна 128 и 130,5 метри и го освои златниот медал, пред Сара Таканаши од Јапонија, четирикратната светска првенка и рекордерката според бројот на победи во Светскиот куп (60), која се закити со сребро, и пред Словенката Ника Крижнар, која освои бронза.
Жените се натпреваруваат во Светскиот куп (СК) во скијачки скокови од сезоната 2011/2012. На Зимските олимписките игри (ЗОИ) дебитираа во Сочи во 2014-та, на СП во Либерец пред 12 години, а сега првпат и на големата скокалница.
– Пресреќна сум и, искрено, многу изненадена бидејќи не бев во најдобра форма зимава. Ова е исклучително важен успех за мене, исто така и пресвртница за жените во скијачките скокови – изјави Лундби, која е најуспешната на СП, со четири медали, злато, сребро на малата скокалница, плус сребро и бронза екипно со Норвешка.
По СП скијачките заминуваат за Русија, на завршните натпревари во СК сезонава, од 20 до 28 март. Л.Д.