Ромео Сакети

КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП
Сакети со стандардни сили во Перм

Селекторот на машката кошаркарска репрезентација на Италија, Ромео Сакети, го обелодени поширокиот список од 24 играчи на кој смета на третиот и последен турнир во Перм, Русија (18-22 февруари), во рамките на квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2022 година (1-18 септември). На списокот во најголем број фигурираат кошаркари што настапија и на претходниот ноемвриски квалификациски турнир во Талин, но очекувано ќе ги нема играчите што настапуваат во НБА и во Евролигата. Италија веќе има обезбедено пласман на ЕП, оти е една од четирите држави-коорганизатори, покрај Чешка, Грузија и Германија.
Како што е познато, во ноември беа одложени средбите Италија – Македонија и Естонија – Македонија, поради позитивни случаи на ковид-19. На табелата во групата Б, води Италија со шест бода (од три меча), а потоа следуваат Русија со шест (четири средби), Естонија со четири (три) и Македонија со два (два меча) бода. Освен Италија, од оваа група на ЕП ќе се пласираат уште две репрезентации.
Италија – поширок список: Авуду Абас, Никола Акеле, Давиде Алвити, Томасо Балдасо, Филипо Балди-Роси, Џордано Бортолано, Леонардо Канди, Давиде Касарин, Амедео Дела Вале, Рафаел Гаспардо, Максимилијан Ладурнер, Давиде Морети, Андре Пекиа, Габриеле Просида, Џампаоло Ричи, Микеле Рузиер, Матео Спањоло, Марко Спису, Амедео Теситори, Стефано Тонут, Леонардо Тоте, Рикардо Висконти, Микеле Витали, Симоне Заноти. Г.И.


ФУДБАЛ
УЕФА назначи медицински советник за Европското првенство

УЕФА го назначи д-р Даниел Кох, поранешен шеф на Одделот за заразни болести во Федералното биро за јавно здравје на Швајцарија, за медицински советник на УЕФА за ЕП 2020 за сите прашања поврзани со пандемијата на коронавирусот. Минатата година, д-р Кох доби широка почит кај швајцарската јавност за неговите редовни и смирувачки објаснувања за тоа како најдобро да се бориме против првиот бран на ковид-19, пишува УЕФА на својата интернет-страница.
– Д-р Кох има огромно искуство во областа на јавното здравство и заразните болести. Неговата експертиза ќе биде од непроценливо значење за да им помогне на УЕФА и на домаќините за да има максимално присуство на гледачи на ЕП 2020 летово – рече претседателот на УЕФА, Александер Чеферин.
УЕФА минатата недела ја повтори својата заложба за одржување на ЕП во 12 европски града, според распоредот договорен минатото лето. Сепак, поради брзата промена на стапката на инфекција и тековните програми за имунизација, конечните одлуки за плановите за гледачите во рамките на стадионите за ЕП се очекуваат во почетокот на април, пишува УЕФА.
– Одушевен сум што станав член на УЕФА како медицински советник за ЕП. Оптимист сум дека тесно соработувајќи со сите вклучени партнери ќе ги најдеме најдобрите решенија за организација на турнирот на безбеден начин за сите вклучени и се надевам на што поголем број гледачи – рече д-р Кох, кој бил на чело и на Одделот за подготвеност и за вакцинација при пандемија, како и член на работна група за справување со пандемијата на САРС во 2002/2003 и птичјиот грип, пишува УЕФА.


Мори: Ќе ги одржиме ЛОИ, без оглед на ситуацијата со коронавирусот

Претседателот на Организацискиот комитет на Летните олимписки игри (ЛОИ) годинава во Токио, Јоширо Мори, изјави дека Јапонија ќе ги одржи ЛОИ, без оглед на ситуацијата со пандемијата на коронавирусот, и дека тесно соработува со Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) за нивно остварување, пренесе „Ројтерс“.
– Ќе ги одржиме Летните олимписки игри, без оглед на тоа како изгледа ситуацијата со коронавирусот – рече Мори, додавајќи дека дискусијата треба да се фокусира на тоа како, а не дали ќе се одржат ЛОИ, пренесе „Ројтерс“.
Мори додаде дека организаторите на Игрите во Токио и ИОК имале силни односи. Игрите предвидени за 2020 година беа одложени минатата година поради глобалното ширење на новиот коронавирус.