Македонската репрезентација не обезбеди место меѓу четирите репрезентации од својата група за пласман во осминафиналето. Во 2023 година, Македонија ќе биде еден од домаќините на ЕП и тоа ќе биде трет настап во низа на одбојкарската репрезентација на континенталните првенства

ОДБОЈКА – МАКЕДОНИЈА ГО ЗАВРШИ НАСТАПОТ НА ЕП 2021

Македонската машка одбојкарска репрезентација го заврши своето второ учество на европските првенства со пет порази, од исто толку натпревари, и со тоа не успеа да го повтори пласманот од Европското првенство (ЕП) 2019 во Словенија, кога заврши на 17-то место со две победи.
Овој пат на ЕП 2021 во групата што се играше во Тампере (Финска), Македонија загуби од Финска (1-3), Холандија (0-3), Турција (0-3), Шпанија (1-3) и од Русија (0-3). Македонската репрезентација и покрај големата желба не успеа да обезбеди место меѓу четирите репрезентации од својата група на ова континентално натпреварување, кое обезбедува пласман во осминафиналето, а кое треба да се игра во Полска и во Чешка (ЕП се играше и во Естонија).
ЕП 2021 е веќе минато, а македонската репрезентација полека треба да се подготвува за наредните предизвици што ја очекуваат, а во прв план тоа е ЕП во 2023 година, на кое Македонија ќе ја има улогата на еден од домаќините, што е и шанса пред своја публика да се оствари добар пласман. Тоа ќе биде третпат во низа македонските одбојкари да бидат дел од најквалитетното европско одбојкарско друштво.
Досега на ЕП во осминафиналето (одат првите четири од секоја група, синоќа се играа преостанатите мечеви од 5. коло), се пласираа Полска, Србија, Украина, Португалија (од групата А), Италија, Словенија, Чешка (група Б), Холандија, Русија, Турција, Финска (група Ц), Франција, Германија и Хрватска (група Д). Титулата европски првак ја брани Србија.