На турнирот, со просечна возраст од 32 години, доминираа младите, а трофејот го освои 21-годишниот македонски интернационален мајстор Никола Николовски
Возобновениот меѓународен шаховски турнир „Опен Скопје 2019“, кој заврши со победа на младиот, 21-годишен македонски интернационален мајстор (ИМ) Никола Николовски (рејтинг 2.435), го положи својот испит. Турнирот, на голема радост на македонските шахисти и шаховски вљубеници, и практично го врати Скопје на старата шаховска мапа, потсетувајќи на некогашниот традиционален и мошне популарен турнир „Опен Скопје“ со класично темпо на размислување, кој се играше во ГТЦ. Голема заслуга за ова, секако, има и новиот амбициозен претседател на Шаховскиот сојуз на градот Скопје, Ѓорѓи Миновски.
– „Скопје опен 2019“ е предвесник за поубава шаховска иднина, која македонските љубители на древната игра ја заслужуваат. Зад нас се години во кои федерацијата направи многу малку за македонските играчи и сега се соочуваме со голем јаз меѓу постојната генерација и онаа што доаѓа. Сфативме дека мора да се стави акцент на настаните за македонските играчи, па „Скопје опен“ е само почеток, а во соработка со градската управа и со заинтересираните помагатели ќе продолжиме понатаму со замисленото темпо, секој месец да имаме некаков настан, младински или сениорски, со забрзан или со класичен ритам на играње. Наедно, апелираме до пошироката бизнис-заедница, својата општествена одговорност да ја искажат преку поддршка на шахот, затоа што на овие големи умови, почнувајќи од оние што играат за сениорската репрезентација, па до најмалите ученици, тоа им е мошне потребно. Кога шахот во Македонија би имал свои вистински помагатели, па да може да се организираат турнири без котизација за играчите, сигурен сум дека бројката би била двапати поголема – вели Миновски, кој беше и директор на турнирот.
На турнирот (иако не настапија неколку истакнати македонски шахисти), бројката од 77 учесници од шест држави е доволна за почеток. Со просечна возраст од 32 години, на него доминираа младите. До 10 години настапија тројца, до 12 деветмина, до 14 дванаесетмина и до 16 седуммина, меѓу кои имаше и седум млади шахистки. Ова беше добра шанса за сите нив, покрај играчкото искуство да го збогатат и своето конто со нови рејтинг-поени.