Формула 1, ФИА и промотерите ги донесоа овие одлуки за да се обезбедат здравјето и безбедноста на патувачкиот персонал, учесниците во првенството и на гледачите, што останува наша примарна грижа, се вели во заедничката изјава на Ф1 и на ФИА
По откажувањето на првата трка во Формула 1 сезонава, нема да се возат ниту трките во Бахреин и во Виетнам, поради пандемијата на коронавирусот, а во Формула 1 очекуваат сезоната да почне во мај, јави „Би-би-си“.
Трката во Бахреин требаше да се одржи без публика на 22 март, а трката во Виетнам беше закажана за 5 април. Австралиското и кинеското гран при веќе беа откажани, а следна трка во календарот е холандското гран при, закажано за 3 мај.
Организаторите ќе ја проценат „одржливоста на потенцијалните алтернативни датуми“ подоцна годинава, доколку ситуацијата се подобри, пишува „Би-би-си“.
– Формула 1, ФИА и промотерите ги донесоа овие одлуки за да се обезбедат здравјето и безбедноста на патувачкиот персонал, учесниците во првенството и на гледачите, што останува наша примарна грижа. Како резултат на тоа, Формула 1 и ФИА очекуваат да го почнат шампионатот во Европа на крајот на мај, но со оглед на наглото зголемување на случаите со ковид-19 во Европа во претходните денови, ова редовно ќе се надгледува – се вели во заедничката изјава на Ф1 и на раководното тело ФИА.
Во изјавата се сугерира дека Ф1-сезоната може да почне на крајот на мај, што значи дека трките во Холандија (3 мај), Шпанија (10 мај) и во Монако (24 мај) исто така би можеле да бидат под прашалник, пишува „Би-би-си“.