ШАХ
Надежниот шахист и најнов македонски ФИДЕ-мајстор (ФМ) Емил Ристески (2.213 рејтинг-поени, рангиран 13-ти пред турнирот), води по 6. коло на традиционалниот шаховски турнир „Опен Белград“, со пет поени. Веднаш зад него се ФМ од Србија Милош Милошевиќ (рејтинг 2.300) и Вук Дамјановиќ (рејтинг 2.352), со по 4,5 поени.
На турнирот, на кој играат 52 шахисти од осум држави, Ристески досега забележа пет победи и еден пораз. Сепак, по победата во второто коло над прворангираниот пред турнирот, велемајсторот (ВМ) од БиХ, Милан Вукиќ (2.400), Ристески освои нови 30 рејтинг-поени (а по петтото коло вкупно 85,2), со што го исполни условот за освојување на титулата ФМ, а тој е рејтинг од 2.300 поени.
– Титулата ФИДЕ-мајстор секако дека е значајна за мене, но ова е само еден поттик за да се работи повеќе и што побрзо да се стане интернационален мајстор – ни изјави Ристески, кој бил шампион на Македонија во категоријата до 14 години и трипати до 16 години, а е актуелен во оваа категорија.
Вториот македонски претставник на турнирот, 14-годишниот Антон Златков (2.032, рангиран 27-ми), моментно е 36-ти со 2,5 поени (две победи, два пораза и едно реми).