Актуелниот светски шаховски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен, заврши како прв по прелиминарната фаза на турнирот преку интернет во забрзан шах „Магнус Карлсен 2021“, вреден 220.000 долари (за победникот 60.000), со досега најдобар резултат во прелиминарната фаза на оваа серија турнири.
Во конкуренција на 16 врвни шахисти, по одиграни 15 кола во три дена, Карлсен освои 10,5 поени од можни 15, со седум победи, седум ремија и еден пораз, од Аниш Гири. Второто место го освои Холанѓанецот Гири, со 10 поени, а трет е Американецот Весли Со, со 9,5 поени.
Во четврт-финалето, осумте најдобри шахисти ќе играат два дена, по четири партии (време за размислување 15 минути плус 10 секунди по секој потег по играч). Двојки: Карлсен – Аронијан, Накамура – Непомнијашчи, Со – Фирузја и Гири – Вашер-Леграв.
Табела, прелиминарен дел: Карлсен 10,5, Гири 10, Со 9,5, Накамура 9, Непомнијашчи, Фирузја, Вашер-Леграв по 8,5, Аронијан и Карјакин по 8, Дубов 7,5, Раџабов 7, Мамеѓаров 6,5, Гранделиус и Ван Форест по 6, Антон 4 и Пишот 2,5 поени. Г.И.