ТЕНИС

Британката Ема Радукану (18) се раздели од својот тренер Ендрју Ричардсон по помалку од две недели откако победи на гранслем-турнирот во Њујорк, каде што мораше да ги помине и квалификациите, пишува „Асошиејтед прес“. Ричардсон ѝ беше тренер на Радукану две години на помлада возраст и краткорочно повторно работеше со неа во јули, во САД, пред и за време на Отвореното првенство на САД. Радукану изјави дека сака поискусен тренер за време на поголемите настани на ВТА-турнејата.
– Барам некој што бил на тоа ниво и знае што е потребно. Особено во моментов, бидејќи јас сум нова во тоа и навистина ми треба некој што ќе ме води, кој веќе го поминал тоа – изјави Радукану.
Ричардсон, кој порано настапувал за Британија во Дејвис-купот, има мало искуство со ВТА-турнејата. Радукану рече дека нема размислувано со кој тренер би го заменила Ричардсон и оти не очекува да донесе таква одлука до крајот на сезоната. По САД опен и одморот, таа размислува да игра на Индијан Велс, еден од најголемите турнири, кој почнува на 6 октомври.