Во Њујорк се игра осмиот ден на САД опен, на кој досега се елиминирани по 20, од по 32-та носители во машка и во женска конкуренција, во машки двојки шест од осумте носители, а во женски двојки пет. Вкупно во конкуренција за трофеите се уште 29 носители од вкупно 80
Првите носителки на гранслем-турнирот САД опен во конкуренција на двојки, Французинката Кристина Младеновиќ и Унгарката Тимеа Бабос, се дисквалификувани по второто коло на турнирот во Њујорк, по одлука на локалните здравствени власти поради сомнение за коронавирус, објавија организаторите. Младеновиќ минатата недела тренирала со својот сонародник Беноит Паир, кој на првото тестирање беше позитивен на коронавирус и беше отстранет од натпреварувањето пред неговиот почеток.
– Здравствените власти одредија карантин за сите што беа во контакт со Паир. Со оглед на тоа што Младеновиќ е една од тие личности, таа и нејзината партнерка во двојки, Бабос, се дисквалификувани – пишува во објавата на организаторите на САД опен.
Натпреварот помеѓу Французинот Адријан Манарино, уште еден од оние што се соочуваат со ограничувања, и Германецот Александар Зверев во петокот беше одложен речиси три часа, но потоа, сепак, им беше дозволено да играат.
Во Њујорк се игра осмиот ден на САД опен, на кој досега се елиминирани по 20 од по 32-та носители во машка и во женска конкуренција, во машки двојки шест од осумте носители, а во женски двојки пет од осумте носители. Вкупно во конкуренција за трофеите се уште 29 носители од вкупно 80.
Со синоќешните дуели помеѓу светскиот рекет број еден, Србинот Новак Ѓоковиќ, и 20-от носител, Шпанецот Пабло Канеро Буста, кај мажите и дуелот меѓу 17-та носителка, Германката Анџелика Кербер, и 28-та, Американката Џенифер Бради, почна осминафиналната фаза на 140-то издание на САД опен, чиј награден фонд изнесува 53,4 милиони долари.