БРАНИМИР ЈОВАНОВСКИ, СЕЛЕКТОР

По првиот настап и освоеното одлично шесто место во финалето во дисциплината воздушен пиштол од 10 метри, утринава Наковска-Бикова има нов предизвик во Токио, во дисциплината спорт пиштол од 25 метри, во која таа на СП 2018 ја исполни нормата за настап на ПОИ

Единствената македонска натпреварувачка на Параолимписките игри (ПОИ) во Токио, стрелачката Оливера Наковска-Бикова, по првиот настап и освоеното одлично шесто место во финалето во дисциплината воздушен пиштол од 10 метри, утринава има нов предизвик на стрелиштето во Токио, во дисциплината спорт пиштол од 25 метри.
Наковска-Бикова во оваа дисциплина ја исполни нормата за настап на ПОИ во Токио, на Светското првенство во Чеонгју (Јужна Кореја), во мај 2018 година, кога во квалификациите со 570 погодени круга го израмни светскиот рекорд, во конкуренција на 31 натпреварувачка, а во финалето го освои бронзениот медал.

– Оливера во дисциплината воздушен пиштол од 10 метри меѓу 18 врвни натпреварувачки во квалификациите го освои осмото место, со 557 круга, што е сепак далеку под нејзините можности. Но резултатот повеќе се должи на недоволната спортска среќа отколку на големи грешки. Едноставно „не ја сакаше центарот“, како што обично велат стрелците. Погодоците вртеа на дел од милиметар од 10-ката, но никако да ја „закачат“ и да го направат резултатот повисок. Како и да е, со лавовска борба таа се пласира на осмото место и со тоа влезе во финалето. Таму почна коректно, но малата деконцентрација на последниот од петте истрели во првата серија ја спушти на дното од табелата. Тоа се случи и во следната серија од пет погодоци. Секако дека осмото место не ја задоволуваше амбицијата на Оливера и таа продолжи да се бори за што поуспешен пласман. Ова, секако, е голем успех за неа и за Параолимпискиот комитет на Македонија. Таа петти пат во низа влезе во финалето на ПОИ, што е доказ за еден континуитет на нејзините врвни спортски перформанси. Се надевам дека на следните два настапа ќе има повеќе среќа, оти знаењето и борбеноста сигурно не ѝ недостигаат – изјави селекторот на македонската параолимписка репрезентација и нејзин тренер, Бранимир Јовановски.