Лидерите на 15 земји од светот и разни меѓународни организации ќе бидат на церемонијата на отворањето на Олимписките игри во Токио, изјави денеска портпаролот на јапонската влада, што е значително помал број во споредба со истиот настан од 2016 година во Рио де Жанеиро.
Високиот владин функционер Кацунубу Като на прес-конференција рече дека 70 високи функционери од целиот свет исто така ќе ја посетат Јапонија, а бројот на ВИП-лица што ќе бидат на церемонијата в петок ќе остане непознат до последната минута, пренесоа агенциите.
Францускиот претседател Емануел Макрон и монголскиот премиер ќе бидат меѓу лидерите на земјите што најавија присуство во Токио, како и првата дама на САД, Џил Бајден.
Висок службеник на Министерството за надворешни работи на Јапонија изјави дека неодамнешното зголемување на бројот на пациенти од коронавирус принуди многу водачи да ја откажат својата посета на Јапонија.
Като навести дека посетите на лидерите на земјите ќе му дадат можност на премиерот на Јапонија, Јошихиде Суги, „да гради лични односи“ кога станува збор за дипломатијата „во четири очи“, што беше запрено од пандемијата на коронавирусот.
Повеќето настани на Олимписките игри, вклучително и церемонијата на отворањето, ќе бидат без гледачи бидејќи Токио е под ограничувачки мерки поради ковид-19.