Спаски ја гледа партијата Петросјан - Фишер

Во тимот на СССР имало пет светски прваци, и тоа Ботвиник, Смислов, Таљ, Петросјан и Спаски, а кај противникот играа Американецот Фишер, Данецот Ларсен… Во мечот во Белград, пред 2.000 гледачи, славел СССР со 20,5-19,5. Ваков дуел се повторил уште двапати, но никогаш со ваков квалитет и играчка имагинација како во Белград

ШАХ

Најдобрите шахисти на СССР и на Остатокот од светот, пред 50 години (29 март – 5 април 1970 година), одиграле незаборавен меч на 10 табли во „Домот на синдикатите“ во Белград, на кој присуствувале 2.000 гледачи и 63 странски известувачи. Минимално со 20,5-19,5 славел СССР, кој во својот тим имал пет светски шампиони (Михаил Ботвиник, Василиј Смислов, Михаил Таљ, Тигран Петросијан и Борис Спаски), а и другите пет шахисти биле можни претенденти за светската титула (Паул Керес, Виктор Корчној, Марк Таиманов, Лав Полугаевски и Ефим Гелер). Ваков дуел се повторил уште двапати, но никогаш со ваков квалитет и играчка имагинација како во Белград.

Најдобри играчи во тимот на Остатокот од светот биле Американецот Боби Фишер и Данецот Бент Ларсен (играа и Портиш, Хорт, Глигориќ, Олафсон, Улман, Матуловиќ, Најдорф, Ивков, Решевски). Пред почетокот на дуелот Ларсен изјавил дека тој ќе настапи само ако игра на првата табла и на изненадување на многумина Фишер се согласил да игра на втората табла. Некои шаховски стручњаци велеа дека Фишер не бил премногу заинтересиран да игра против Спаски, а и уште го немал победено.

Фишер дошол во Белград со само една одиграна партија во претходните 18 месеци, но не загубил, напротив, го победил Петросјан со 3-1 (по две победи и ремија). И Ларсен го оправдал своето барање, оти против Спаски одиграл 1,5-1,5, (Спаски не ја одигра четвртата партија поради болест, а Ларсен ја победил неговата замена Леонид Штајн).
– Според пресметките на компјутерот, ќе победиме со три поени разлика. И зошто да не им веруваме на машините? – рекол светскиот првак Спаски.

До почетокот на последното коло, СССР водел со поен разлика, а во последното коло, кое Југословенската телевизија го емитувала во живо (90 минути), имало две измени во екипите. Првата била Штајн на местото на Спаски против Ларсен, а во втората Исланѓанецот Фридрик Олафсон го заменил Американецот Семуел Решевски во тимот на Остатокот од светот. Но и двајцата резервни играчи загубиле, а последното коло завршило нерешено 5-5.

По мечот имало и три дополнителни специјални награди. Победникот на првата табла, Ларсен, добил автомобил „фиат“, а играчот со најдобар индивидуален резултат, Фишер, автомобил „москвич“. Наградата за најдобра партија, пак, му била доделена на Гелер за партијата (1. коло), против Југословенот Светозар Глигориќ. Резултати по кола: прво 5,5-4,5, второ 6-4, трето 4-6, четврто 5-5.