ИОК си даде четири недели до донесување одлука за иднината на ЛОИ 2020, но ветеранот во ИОК, Дик Паунд, вели дека таквата одлука ќе биде објавена наскоро и ќе се случува во фази

Летните олимписки игри (ЛОИ) годинава ќе бидат одложени за една година поради пандемијата на коронавирус, изјави членот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), Дик Паунд. Оваа изјава на Паунд следува откако и претседателот на британската олимписка асоцијација, Хју Робертсон, рече дека Велика Британија веројатно нема да испрати тим во Токио летово. Претходно Австралија и Канада се изјаснија дека нивни спортисти нема да се натпреваруваат во Јапонија, пишува „Би-би-си“.

– Врз основа на информациите што ги има ИОК, одлучено е за одложување. Некои работи уште не се утврдени, но Игрите нема да почнат на 24 јули, тоа го знам – изјави Паунд за „УС тудеј“.
ИОК си даде четири недели до донесување одлука за иднината на ЛОИ, но ветеранот во ИОК, Паунд, вели дека таквата одлука ќе биде објавена наскоро и ќе се случува во фази. За многумина одложувањето е единствениот излез од сегашната ситуација. Но такво нешто очигледно е сложена операција, за која е неопходно време за координација меѓу ИОК и домаќинот, Токио. Некои поупатени во оваа работа велат дека можеби ќе бидеме сведоци на „игра на нерви“ помеѓу ИОК и Токио, поради комерцијалните и правните последици што може да следуваат по таквата одлука, пишува „Би-би-си“.

Врвниот спортски адвокат Џон Мерзад објаснува дека при евентуално правно парничење, клучно ќе биде тоа кој ја донел одлуката, бидејќи може да се соочи со обвинувања за прекршување на договорот град-домаќин.
– Страната што го одложува или го откажува тој договор, освен доколку не е заемно договорено, ќе се стави во ситуација да биде обвинета за огромни штети и побарувањата од милијарди долари – вели тој.
ИОК има договорно право да ги откаже Игрите од безбедносни причини и е заштитен од какви било побарувања за штета од градот-домаќин. Во моментов, нема препорака од Светската здравствена организација (СЗО) дека Игрите не може да се одржат. Сепак, тој договор не се однесува на одложувања и значи дека ИОК претпочита на Јапонија да ѝ ја препушти одлуката за такво нешто, пишува „Би-би-си“.

ИОК посочи дека имало „милиони ноќи“ резервирани во хотелите, кои може да не бидат достапни за презакажаните Игри. Исто така, се поставува прашањето дали Олимпиското село за спортистите и другите клучни места уште ќе бидат достапни со оглед на договорените зделки со приватни инвеститори.


Во игра е и календарот на секој спорт

Не постои јасен консензус за тоа кога би можеле да се преместат Летните олимписки игри, главно поради тоа што секој спорт има свој календар, како и поради континуираната неизвесност околу ширењето на пандемијата, објави „Би-би-си“. Алтернативно, Игрите би можеле да бидат одложени за подоцна во 2020 година, кога ќе биде постудено. ЛОИ се одржувале и во наесен, а претходните во Токио, во 1964 година, се одржаа во октомври, пишува „Би-би-си“.