Ако знамето во Париз навистина биде со големина на фудбалски терен, тоа би изнесувало околу 7.000 квадратни метри

НА СЛЕДНИТЕ ЛОИ

Организаторите на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз 2024 година ќе имаат цел да постават светски рекорд, односно ќе се обидат над Ајфеловата кула да развеат знаме со големина на фудбалски терен, пишува „Би-би-си“.
На градоначалничката на Париз, Ани Идалго, ќе ѝ биде доделено олимписко знаме од претседателот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), Томас Бах ,за време на церемонијата на затворањето на Игрите во Токио.
– Чекавме дополнителна година за овој момент, откако игрите во Токио 2020 беа одложени поради пандемијата на коронавирусот. Возбудата е многу силна. Сакаме да започнеме со светски рекорд, а тоа е најголемото знаме што било кренато некогаш – рече шефот на ЛОИ во Париз, Тони Естонге.
Светскиот рекорд за најголемо знаме што некогаш се веело е 2.448,56 квадратни метри, поставено во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) во 2017 година, а ако знамето во Париз навистина биде со големина на фудбалски терен, тоа би изнесувало околу 7.000 квадратни метри.
– Тоа е повеќе или помалку еквивалент на едно фудбалско игралиште. Значи, вистина е дека ќе биде големо. Тоа ќе биде првиот светски рекорд за Париз 2024 година – дополни Естонге.