Во Дубаи повеќе се работеше на техничко-тактичкиот дел, трениравме двапати дневно, а тренинзите ги водеа искусни тренери од Казахстан и од Иран. Сега ме очекува едно од најсилните карате-натпреварувања, турнирот од познатата Премиер-лига, како една подготовка плус за настапот на ЕП и на олимпискиот квалификациски турнир, во мај. И понатаму останувам голем оптимист што се однесува до настапот на ЛОИ, вели Павлов
Најдобриот македонски каратист Емил Павлов, двократен европски првак (во 2014 и во 2018 година) и носител на бронза од Европските игри во Баку (2015 година), по покана од селекторот на Казахстан, Тарек Абдесефем, од 13 до 25 февруари учествуваше на карате-кампот во Дубаи (ОАЕ), каде што се подготвуваа најдобрите светски каратисти и кандидати за настап на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио годинава, и тоа најмногу во категориите до 60 и до 67 килограми. Импресиите оттаму се позитивни.
– Многу сум задоволен од карате-кампот во Дубаи, поминав одлично. Бев единствен од Македонија. Таму повеќе се работеше на техничко-тактичкиот дел, трениравме двапати дневно, а тренинзите ги водеа искусни карате-тренери од Казахстан и од Иран. Поради протоколите за ковид-19, мораше да има ограничен број на учесници, па, така, таму присуствуваа околу 100 каратисти, и тоа од Казахстан, Франција, Романија, Пакистан, ОАЕ, Косово… По една година без никакви натпреварувачки активности, ова за мене беше едно големо карате-освежување и наедно да согледам до каде е мојата моментна форма, од која сум задоволен – ни изјави Павлов откако се врати во родниот Штип.
Во Дубаи, освен вообичаените тренинзи, не изостанаа ни борби на татамите, кои, пак, беа мошне квалитетни.
– Во Дубаи тренирав со еден од најдобрите каратисти во мојата категорија, Казахстанецот Даркан Асадилов (моментно прв на олимписката ранг-листа), кој веќе има обезбедено норма за ЛОИ. На последниот ден од кампот имавме и тренинг-турнир, а правдата ја делеа познати светски судии од Казахстан и од ОАЕ. Турнирот беше во олимписки категории, па, така, имав можност да ги пробам силите и со потешки натпреварувачи, а со тоа да ја проверам и моментната форма. Имав три борби, во две победив, а една, и тоа токму со Асадилов, заврши нерешено – вели репрезентативецот и повеќекратен првак на Македонија, Павлов, кој е и потенцијален учесник на ЛОИ во Токио годинава.
По подолго време, следен предизвик на Павлов ќе биде турнир од квалитетната Премиер-лига.
– Сега ме очекува едно од најсилните карате-натпреварувања, односно турнир од познатата Премиер-лига, кој треба да се одржи во Истанбул од 12 до 14 март. Премиер-лигата ќе биде само една подготовка плус за настапот на Европското првенство (ЕП) во мај, во Пореч, и олимпискиот квалификациски турнир во мај, во Париз. Од ЕП ќе се собираат само бодови за ранг-листата, но јас веќе не можам на таа листа да бидам меѓу првите двајца што патуваат за ЛОИ (Павлов моментно е 18-ти на олимписката ранг-листа – н.з.), така што моја шанса останува само турнирот во Париз, каде што треба да бидам најмалку трет во мојата категорија, односно да освојам медал. И понатаму останувам голем оптимист што се однесува до настапот на ЛОИ – вели Павлов.
На ЛОИ во Токио ќе има по 10 натпреварувачи во секоја категорија (тројца од квалификацискиот турнир, четворица од олимписката ранг-листа, еден претставник на домаќинот на ЛОИ и двајца со т.н. вајлд-карта), а Павлов ќе ја бара шансата во категоријата до 67 кг.