Дали Игрите ќе може да се одржат зависи од тоа дали човештвото ќе го победи коронавирусот. Поточно, да се развие вакцината или лекот е главната работа, вели претседателот на Организацискиот комитет на ЛОИ, Јоширо Мори
Одложените Летни олимписки игри (ЛОИ) 2020 во Токио не ќе може да се одржат идната година доколку условите во врска со пандемијата на коронавирусот продолжат како што се, изјави претседателот на Организацискиот комитет (ОК), Јоширо Мори. Во интервјуто за јапонскиот ТВ-оператор НХК, Мори рече дека се надева оти ситуацијата ќе се подобри и посочи дека вакцината е клучна.
Ако продолжи ваквата ситуација со ковид-19, дали е можно да се одржат натпреварите, беше прашањето до Мори.
– Доколку сегашната состојба продолжи и не се подобри, нема да можеме – одговори Мори, пренесува Асошиејтед прес (АП).
Се планира ЛОИ да бидат отворени на 23 јули 2021 година, а по повод годишнината до почетокот на Игрите, вчера на новиот национален стадион се одржа мала 15-минутна церемонија, без публика.
Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) и јапонските организатори постојано изразуваат уверување дека Игрите ќе се одржат. ИОК и организаторите исто така велат дека Игрите нема повторно да се одложат и оти би биле откажани.
– Би било премногу за нас да одговориме на секое од овие хипотетички прашања. Не мислам дека оваа состојба ќе потрае уште една година – изјави Мори.
Научниците истражувачи велат дека вакцината може да биде готова за шест-девет месеци, за што Мори вели дека е клучно.
– Дали Игрите ќе може да се одржат или не, зависи од тоа дали човештвото ќе го победи коронавирусот. Поточно, да се развие вакцината или лекот е главната работа – рече Мори.
Организаторите и ИОК велат дека сакаат да ги поедностават Игрите заради намалување на зголемените трошоци. Но официјалните лица засега не можат да кажат дали ќе им се дозволи присуство на гледачите на трибините следната година или дали спортистите ќе се соочат со карантини. Тие велат дека некои детали ќе бидат познати до есен.
Плановите се сите 11.000 олимпијци и 4.400 параолимпијци да се натпреваруваат на 42 борилишта.