Приемот на Мартинез и на Иванишевиќ, кој требаше да се одржи на 11 јули годинава, во Њупорт, е одложен за идната година поради пандемијата на коронавирусот
ТЕНИС
Одложена е за идната година церемонијата на прием на нови членови на Меѓународната тениска куќа на славните, во која требаше да бидат примени Шпанката Кончита Мартинез и Хрватот Горан Иванишевиќ. Приемот, кој требаше да се одржи на 11 јули годинава, во Њупорт (САД), е одложен поради пандемијата на коронавирусот.
– Ќе ја пропуштиме годинашната традиција на прием на тенисери во Куќата на славните, бидејќи здравјето и сигурноста на сите што се вклучени во сево ова имаат приоритет – вели Тод Мартин, директорот на тениската Куќа на славните.
Мартинез и Иванишевиќ, кои освоија по еден гранслем-турнир, и тоа Вимблдон во 1994, односно во 2001 година, ќе им се придружат на другите во Куќата на славните во 2021 година.
– Веќе се радувам на јули 2021-та. Поместувањето за следната година е вистинска одлука за сите – рече Мартинез.
Со слично мислење е и Иванишевиќ.
– Веста дека сум примен во Куќата на славните веќе беше голема чест за мене. Со задоволство ќе ја чекам церемонијата следната година, оти во моментов здравјето е најважната работа – рече Иванишевиќ.
Мартинез и Иванишевиќ ќе станат 258-от односно 259-от член во оваа институција, која ги слави најголемите во историјата на овој спорт.