ШАХ – МЕЧ ЗА ТИТУЛАТА СВЕТСКИ ПРВАК

Со реми заврши и четвртата партија помеѓу актуелниот светски првак во шах, Норвежанецот Магнус Карлсен и Русинот Јан Непомнијашчи, за титулата светски првак, што се игра во Дубаи, ОАЕ. Карлсен (2.882 рејтинг-поени, рангиран прв во светот) првпат почна со пешакот на е4, што беше изненадувачки, а Непомнијашчи (2.792, рангиран петти) одговори со т.н. Петрова одбрана. Ремито беше потпишано во 33-от потег (најбрзо засега), со повторување на потезите, како и во првата партија. Моментниот резултат е 2-2. Предвидени се 14 партии.
За Карлсен ова е петти пат да игра меч за титулата светски првак и петти пат во ноември. Карлсен (роден на 30 ноември) победи на претходните четири меча што ги одигра за титулата, кога навршуваше 23, 24, 26 и 28 години. Светскиот шампион на својот 31. роденден вторпат во актуелните дуели ги имаше белите фигури, а во мечот не успеа да го нападне посилно противникот. Петтата партија се играше вчера, а Непомнијашчи третпат играше со бели фигури.