Светскиот тениски рекет број еден Новак Ѓоковиќ е позитивен на коронавирусот, објавија светските медиуми.

Шампионот на Вимблдон и Австралија опен веднаш по пристигнувањето од „Адрија тур“ во Задар, го посетил својот лекар во Белград, каде што бил тестиран а наодите се покажале позитивни.

Неговата сопруга е исто така позитивна, а децата немаат ковид-19.

Иако не чувствувал никакви симптоми, што би укажале на присуство на вирусот во неговиот организам, Новак инсистирал да направи тестови при пристигнувањето во Белград.

Она што е познато од порано е дека член на неговиот тим, кондицискиот тренер, Марко Паникио, кој беше тестиран во Задар, исто така беше позитивен.

Тренерот на Новак, Горан Иванишевиќ, беше тестиран првпат пред пет дена, наодите беа негативни, како и оние што беа извршени во последните два дена.

Се започна кога беше откриено дека бугарскиот тенисер Григор Димитров, кој во саботата се откажа од натамошно натпреварување на „Адрија тур“ е позитивен на вирусот.

Подоцна беа тестирани уште 22 лица кои беа на турнирот во Задар, и тројца имаа позитивни резултати, хрватскиот тенисер Борна Чориќ, тренерот на Григор Димитров, Кристијан Грох и кондициониот тренер на Ѓоковиќ, Марко Паникио.