Во вкупниот пласман тој го освои одличното седмо место. На СП 2021 останува уште екипниот настап во машка и во женска конкуренција, во борби, како и настапот утре на Павлов во мечот за златниот медал
Младиот и талентиран сениорски првак на Македонија во кати, член на КК Металург и репрезентативец, Александар Неделковски (19), оствари одличен настап во изведбата на кати на Светското првенство (СП) во Дубаи, ОАЕ, освојувајќи го високото седмо место во конкуренција на 67 натпреварувачи од исто толку држави.
Тој беше блиску да му се придружи на Емил Павлов во борби (кој веќе се пласира во финалето в сабота и обезбеди најмалку сребро), но стотинки решаваа за конечниот пласман и дали ќе влезе во борбата за еден од медалите. Сепак, и овој пласман преставува голем успех.
Во таа намера да се искачи на подиумот го спречи Швајцарецот Ујихара Јуки, кој беше третопласиран во третиот круг, оценет од судиите со 25,06 поени, а Неделковски имаше 24,78. Бодувањето во кати е мошне специфично, оти за разлика од дуелите во борби, тука нема заемен контакт, каде што се гледа добиениот поен.
Неделковски во првиот круг со оценка 23,52 беше втор во својата група, во вториот круг со оценка од 24 беше четврти, а истиот пласман во групата го оствари и во третиот круг со оценка на судиите од 24,78. Неделковски беше блиску до медал и на СП 2019 за јуниори во Чиле, кога го освои петтото место, а годинава на Европското првенство во Пореч беше 13-ти.
Пулексенија Јованоска, членка на клубот Фунагоши Гичин, стотинки ја делеа од пласманот во третиот круг во кати, но пред неа, сепак, се пласираа Кристина Орбе од Еквадор и Јасмин Јуетнер од Германија, со оценки од 24,66 поени. Јованоска во првиот круг со оценка 23,86 беше втора во својата група, а во вториот круг со оценка 24,18 беше петта. Во женска конкуренција настапија 58 каташки од исто толку држави. На СП 2021 останува уште екипниот настап во машка и во женска конкуренција, во борби.