Дарио Ивановски, кој го трчаше првиот маратон во кариерата, стигна втор на целта, прв меѓу македонските маратонци. Рекордерката на Македонија, Адријана Поп Арсова, беше втора во женска конкуренција, но се закити со титулата државна првенка
АТЛЕТИКА – СЕ ОДРЖА 16-ОТ СКОПСКИ МАРАТОН
Украинецот Сергеј Шевченко (2:22,49 часа) и Албанката Лујза Гега (2:53,34) се победници на 16-от Скопски маратон што вчера се одржа низ улиците на Скопје, во необични околности поради пандемијата на ковид-19, во отсуство на елитни тркачи од странство и со почитување на многубројни медицински и други безбедносни протоколи, носење маски, држење физичка дистанца, со малку луѓе на улиците итн.
Најдобриот македонски атлетичар на средни патеки, Дарио Ивановски, кој го трчаше првиот маратон во кариерата, стигна втор на целта и ја освои титулата државен првак во оваа дисциплина со време од 2:31,16 часа. Ланскиот и петкратен првак, Александар Кираџиев, беше втор меѓу македонските маратонци, односно четвртопласиран во вкупниот пласман (2:40,57), зад Шевченко, Ивановски и Кристијан Стошиќ од Србија (3:39,37).
Кај жените Гега ја потврди фаворитската улога. Адријана Поп Арсова, рекордерката на Македонија во оваа дисциплина (2:52,52 часа) забележан лани, беше втора со време од 2:58,14 часа, доволно за да ја одбрани титулата првак на Македонија.
– Не сум задоволна од постигнатото време, но задоволна сум поради освојувањето на второто место што значи и нова титула првак на Македонија. Беше доста спарно, сѐ некако така се погодува времето кога е маратонот. Имав доста проблеми во вториот дел од патеката, имав грчеви и силни болки во стомакот, но издржав некако и, ете, сѐ добро се заврши. Посакувам што поскоро да трчаме нормални трки, како порано, и ситуацијата да се нормализира. Ќе продолжам со маратонот, тоа ми е омилена дисциплина и се надевам на нови државни рекорди на наредните трки – рече Поп Арсова.
На годинашниот Скопски маратон ја немаше масовноста, имаше околу 1.500 учесници значително помалку во споредба со минатите години кога низ скопските улици имаше над 15.000 маратонци, полумаратонци и рекреативци.
Но ако се има предвид дека поради пандемијата на коронавирусот беа одложени и откажани голем број слични трки, за одржувањето на скопската трка организаторите заслужуваат големи честитки.
– Презадоволен сум, сѐ помина во ред, немаше поголеми технички проблеми, освен неколкуте интервенции на медицинските екипи бидејќи беше претопло, беше многу спарно за овој период од годината. Мислам дека покажавме оти може успешно да се организира една ваква трка, и покажавме дека спортот е пример за добро однесување – вели директорот на маратонот, Кире Синадиновски.
Ивановски: Главната цел е остварена
Можам да напишам книга од овој мој деби-настап на маратонот, толку долга ми се виде оваа трка. Различни емоции, во почетокот ми се чинеше дека можам да летам, но како што поминуваа километрите стануваше сѐ потешко. На 30-от км го почувствував т.н. маратонски ѕид, имав криза, но ја пребродив и успеав да ја завршам трката. Главната цел е остварена, да победам и да ја потврдам својата доминација во Македонија и во оваа дисциплина. Презадоволен сум, го постигнав моментниот максимум, сепак, ова ми е прва ваква трка. Сега планирам мала пауза, по која ќе им се посветам на пократките делници, на три, пет и на 10 км, а маратонот ќе го оставам настрана, неколку години, изјави Дарио Ивановски.
Кенијката Косгеи победи на дождливиот Лондонски маратон
Светската рекордерка и бранителка на титулата, Бригид Косгеи од Кенија, забележа доминантна победа на 40-от Лондонски маратон, совладувајќи ги своите ривали по студено и дождливо време, со време од 2:18,58 часа. За Косгеи ова беше прв маратон откако минатата година постави светски рекорд од 2:14,04 часа на маратонот во Чикаго. На поголем дел од патеката Косгеи трчаше заедно со својата сонародничка Рут Чепнгетич, но потоа го забрза темпото и остатокот од патеката го помина во убедливо водство, објави „Ројтерс“.
Американката Сара Хол имаше неверојатен финиш, во последните неколку стотици метри успевајќи да ја помине светската шампионка Чепгетич на самата завршна линија со време од 2:22,01часа, а Кенијката заврши трета со време од 2:22,05 часа.
– Беше прекрасно да се тркаме. Поради пандемијата на ковид-19 не успеавме доволно добро да се подготвиме, а и дождливото време беше пречка за остварување подобар резултат – изјави Косгеи.
Првичниот датум на маратонот беше во април, но поради пандемијата на коронавирусот маратонот беше одложен, на нова патека (19,8 круга околу паркот „Сент Џејмс“) и здравствен протокол, кој гарантираше безбедна дистанца меѓу секој од учесниците. Вчера доцна попладне се одржа и машкиот маратон во Лондон. Та.Д.
МАРАТОН, МАЖИ
1. Сергиј Шевченко (Украина) 2:22,49 ч.
2. Дарио Ивановски (Македонија) 2:31,16 ч.
3. Кристијан Стошиќ (Србија) 2:39,37 ч.
МАРАТОН, ЖЕНИ
1. Лујза Гега (Албанија) 2:35,34 ч.
2. Адријана Поп Арсова (Македонија) 2:58,14 ч.
3. Билјана Кираџиева (Србија) 3:13,21 ч.
ПОЛУМАРАТОН (МАЖИ)
1. Атанас Анчевски (Македонија) 1:14,09 ч.
2. Милош Ранчиќ (Македонија) 1:14,19 ч.
3. Кристијан Кирилов (Бугарија) 1:15,35 ч.
ПОЛУМАРАТОН (ЖЕНИ)
1. Милијана Ристиќ (Македонија) 1:26,31 ч.
2. Емилија Тодоровска-Елијас (Шведска) 1:28,35 ч.
3. Сања Најдовски (Македонија) 1:38,33 ч.