Ова е единствен настан и е комбинација на конкурентен шах на највисоко ниво, со врвен спектакл во живо, вели претседателот на ФИДЕ, Аркадиј Дворкович, пред одржувањето на шаховскиот куп преку интернет во мај, на кој ќе настапат селекциите на Русија, САД, Европа, Кина, Индија и на Остатокот од светот и на кој е најавено учеството и на поранешните светски шампиони Каспаров, Крамник, Ананд…

ШАХ

Светската шаховска федерација (ФИДЕ) објави дека поранешниот светски шампион Гари Каспаров (57) ќе учествува на шаховскиот интернет-куп на нации со забрзано темпо на игра (25 минути, плус 10 секунди за секој потег по играч), на кој ќе учествуваат шест селекции (Русија, САД, Европа, Кина, Индија и тим на Остатокот од светот). Секоја селекција ќе има четири играчи (од кои една мора да биде шахистка), две резерви (од кои една жена) и капитен.

Каспаров ќе биде капитен на тимот на Европа, а на турнирот ќе настапат и други поранешни светски шампиони, како Русинот Владимир Крамник и Индиецот Вишавантан Ананд (капитен на тимот на Индија). Точните состави на екипите се очекува да бидат дефинирани деновиве. Поради кризата со коронавирусот, ќе се игра преку интернет, а за да се гарантира фер игра за сите, шахистите ќе бидат набљудувани преку видеокамери од меѓународни судии.

Првата фаза на овој турнир, вреден 180.000 долари, ќе се одржи од 5 до 9 мај, а двете најдобри екипи ќе се сретнат во суперфиналето, закажано за 10 мај. Натпреварувањето ќе се емитува во живо на повеќе сајтови и се проценува дека ќе биде следено од повеќемилионски аудиториум. Денес се смета дека секој ден околу 16 милиони партии се играат преку интернет-врска.

– Ова е единствен настан и е комбинација на конкурентен шах на највисоко ниво, со врвен спектакл во живо. Причините зошто овој турнир треба да се игра преку интернет се многу тажни, но ние сме, сепак, среќни кога гледаме дека шахот им дава утеха на милиони луѓе што се сега затворени дома, да можат да играат сами, а и да уживаат во овој врвен спектакл – вели претседателот на ФИДЕ, Аркадиј Дворкович.