Шпанецот во неделата ја освои 11-та титула на Ролан Гарос, 16-та на гранслем-турнирите, по што досега заработи 100,2 милиони само од наградите од турнирите и е зад водечките Федерер (116,2) и Ѓоковиќ (110,8)
Последниот триумф, а 11-ти по ред на престижниот тениски турнир Ролан Гарос, со убедливата победа со 6-4, 6-3, 6-2 во финалето против Австриецот Доминик Тим, му го зголеми банковното конто на неприкосновениот крал на земјената подлога Рафаел Надал за нови 2,2 милиони долари. На тој начин Шпанецот ја помина бројката од 100 милиони долари заработени од наградите на турнирите.
Тој моментно има точно 100.251.598 долари заработени во својата играчка кариера, а со влегување во стотката пред него по заработка се уште само Србинот Новак Ѓоковиќ (110.854.762) и Швајцарецот Роже Федерер, кој е и актуелен рекордер со 116.222.182 долари.
На листата од 10 тенисери што во своите кариери заработиле поголема сума се и Британецот Енди Мареј (60,8 милиони), Американецот Пит Сампрас (43,2), Американецот Андре Агаси (31,1), Шпанецот Давид Ферер (31), Швајцарецот Станислас Вавринка (30,9), Чехот Томаш Бердих (28,8)…
Кај тениските дами, пак, најбогатите во историјата на белиот спорт заработиле многу помалку во споредба со мажите. Така Американката Серена Вилијамс ги предводи најбогатите со 89.722.779 долари, следуваат нејзината сестра Венус (39,9 милиони), Русинката Марија Шарапова (30,8), Белгијката Ким Клајстерс (24,4) и Американката Линдзи Давенпорт (22,1).