Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ му го подари рекетот на младо момче кое го следеше финалето на гранслем-турнирот „Ролан Гарос“ од трибините на „Филип Шатрие“ во Париз. Ѓоковиќ му пријде на момчето по победата над Стефанос Циципас со 3-2 во сетови, со која стигна до неговиот 19-ти гранслем трофеј.
Како што откри Ѓоковиќ на прес-конференцијата на мечот, неговиот гест бил во знак на благодарност кон младиот љубител на тенисот кој го поддржувал во текот на финалето. Згора, момчето на моменти и го советувало српскиот тенисер како да игра против Циципас.
– Не го познавам момчето, но постојано го слушав во текот на целиот меч. Особено додека губев со два сета разлика, тој ме охрабруваше. Ми даваше совети, ми велеше задржи го сервисот, диктирај го ритамот и нападни го неговиот бекхенд. Буквално ме тренираше. Тоа ми беше симпатично, па сметав дека е најдобро да му го дадам рекетот нему. Тоа беше моја благодарност што остана покрај мене и ме поддржуваше – објасни Ѓоковиќ.
Момчето што го доби рекетот не можеше да ја сокрие радоста, со што неговата реакција стана хит на Интернет.