По девет партии, 16-годишниот Ристески освои 7,5 поени, импозантни 127 нови рејтинг-поени, а играше со силина на шахист од дури 2.489 рејтинг-поени. На овој традиционален 34-ти шаховски турнир во Белград, покрај првото место, тој ја освои и титулата ФИДЕ-мајстор
ШАХ
Младиот македонски шахист Емил Ристески (2.213 рејтинг-поени, рангиран на 13-то место пред турнирот) постигна огромен успех, освојувајќи го првото место на традиционалниот 34-ти шаховски турнир во Србија, „Опен Белград 2020“, со 7,5 поени од девет кола, со вкупно седум победи, по еден пораз и реми, како и титулата ФИДЕ-мајстор (ФМ), откако го надмина рејтингот од 2.300 поени. Ристески (16) освои и импозантни 127 нови рејтинг-поени, а играше со силина на шахист интернационален мајстор (ИМ) со 2.489 рејтинг-поени.
Тој го победи велемајсторот (ВМ) од БиХ, Милан Вукиќ (рејтинг 2.406, рангиран прв), ремизира со рускиот ФМ Андреј Цветков (2.395), а загуби само од ФМ од Србија, Вук Дамјановиќ (2.352). Во последното коло ја совлада Русинката Јана Жапова (1.854).
Вториот македонски претставник, 14-годишниот Антон Златков (2.032, рангиран на 27-то место), го освои 28-то место со 4,5 поени (по четири победи и порази и едно реми), но освои 16 нови рејтинг-поени. Во конкуренција на 52 шахисти од осум држави (2 ВМ, 1 ЖВМ, 2 ИМ, 7 ФМ), втор беше Рајковиќ, а трет Дамјановиќ, и двајцата со по седум поени.
– Немав големи очекувања од турнирот за да не бидам под дополнителен притисок додека играм. Сите партии беа тешки, но ако морам да издвојам една, веројатно тоа би била последната против Жапова, затоа што само со победа можев да бидам прв. Ако во последното коло, на пример, играв со ВМ Бошко Абрамовиќ и го победев, ќе освоев и прва норма за интернационален мајстор. Следен турнир најверојатно ќе ми биде во Панчево, од 11 декември, каде што ќе се обидам да ја освојам првата норма за интернационален мајстор – ни изјави Ристески.
Ристески е долгогодишен член на ШК Гамбит Асеко СЕЕ, но годинава играше на првата табла за МШК Центар и успеа да го внесе клубот во Првата лига. Тој беше шампион на Македонија во категоријата до 14 години, а трипати и до 16 години, каде што и годинава триумфира.
Во својот играчки напредок, работел со ИМ Орце Данчевски и ИМ Марјан Митков, а моментално го тренира ВМ Трајко Недев од ШК Алкалоид.
Од македонските шахисти што успеале да триумфираат на овој турнир во Белград е и ВМ Звонко Станојоски, кому тоа му успеало двапати во низа, во 2006 година (со осум поени) и во 2007 година (со 7,5 поени).