Легендарниот американски тенисер Џон Мекинро смета дека Енди Мареј во следните пет години може да ги повтори најголемите успеси, доколку во целост ја санира повредата.
Британскиот тенисер речиси една година паузираше поради повредата и операцијата на колкот, а оваа сезона одигра само три натпревари.
Иако Мареј сè уште го нема потврдено неговиот настап на Вимблдон, британската јавност веќе говори за тоа колкави му се шансите да го освои турнирот.
– Кога ќе направите толкава пауза, посебно поради нешто толку сериозно како повреда на колкот, навистина изгледа тешко да се вратите и да освоите турнир. Меѓутоа, чудни нешта се случуваат и ништо не е невозможно. Доколку потполно ја санира повредата ќе може повторно да победува и во следните пет години би бил закана за неговите ривали – нагласи Мекинро.
Најпрестижниот тениски турнир Вимблдон почнува на 2 јули.