Во кати, пак, победија Александар Неделковски (Металург) и Пулексенија Јованоска (Фунакоши Гичин)
КАРАТЕ – ДРЖАВНО ПРВЕНСТВО
Каратистите на Макпетрол, со седум поединечни (во борби) и едно екипно прво место (борби), се најуспешниот клуб на сениорското првенство на Македонија, кое во саботата се одржа во малата сала на СЦ „Борис Трајковски“, а на кое настапија 29 клуба со 105 натпреварувачи, во машка и во женска конкуренција, во дисциплините борби и кати. Екипно мажи (борби) најуспешен беше Штип, а кај жените Макпетрол. Во кати, пак, нова доминација на Александар Неделковски (Металург) и на Пулексенија Јованоска (Фунакоши Гичин).
Специјален гостин на првенството беше јапонскиот амбасадор Хиронори Савада, кој со својата сопруга ги следеше финалните борби и, импресиониран од квалитетот и од организацијата на овој настан, на спортистите им се обрати на македонски јазик.
– Среќен сум што Карате-федерацијата на Македонија се грижи за зачувување и за негување на јапонската традицијата и култура и тоа го прави на исклучително високо ниво во каратето – рече Савада.
Претседателот на КФМ, Горан Милковски, во име на Федерацијата, во знак на благодарност и соработка, му врачи на амбасадорот Савада плакета, симбол на вечноста, со порака таа соработка да се продлабочува и да остане засекогаш, објави КФМ.
Првенството беше организирано без присуство на публика, на два татами, во согласност со добиените протоколи, а финалните борби беа пренесувани на олимпискиот канал на Македонскиот олимписки комитет (МОК).