Дарио Ивановски / Адријана Поп Арсова

Македонските маратонци ќе ги предводи ланскиот победник, Кираџиев, а Ивановски, најдобриот атлетичар на средни и на долги патеки, ќе го трча првиот маратон. Во маратонот за жени, Македонија ќе ја претставуваат пет атлетичарки, предводени од актуелната рекордерка Поп Арсова

АТЛЕТИКА

На 16-от Скопски маратон што ќе се одржи в недела низ улиците на главниот град на Македонија, во многу различни услови и атмосфера поради пандемијата на ковид-19, нема да настапат елитни тркачи од странство, но ќе трчаат најдобрите македонски маратонц(к)и. Според информациите од Атлетската федерација на Македонија (АФМ), на трката, која е и официјално првенство на Македонија во оваа дисциплина, ќе настапат 24 маратонци. Меѓу нив се ланскиот победник Александар Кираџиев, Трпе Мартиновски, Кокан Ајановски, Марјан Бонев, Александар Кирковски и првпат на оваа делница Дарио Ивановски.

– Годинава, првпат во кариерата, Дарио Ивановски, најдобриот атлетичар на средни и на долги патеки во Македонија, ќе трча маратон. Нашата тренинг-програма секој месец предвидува тој да има тренинг од т.н. „долго трчање“ во должина од најмалку 30 км. Затоа таквиот октомвриски тренинг го вметнавме да биде настапот на Скопскиот маратон, со тоа што ќе треба да истрча подолга делница. Според моментната форма, очекувам резултат под 2,30 часа, можеби и 2,20 во силна конкуренција – вели тренерот на Ивановски, Игор Јакимовски (44) од атлетскиот клуб Делта, кој, исто така, ќе трча на маратонот.
Во маратонот за жени Македонија ќе ја претставуваат пет атлетичарки, предводени од актуелната државна рекордерка (2:52,52 часа) Адријана Поп Арсова и од поранешната рекордерка Весна Кираџиева.

– Поп Арсова ќе атакува на соборување на државниот рекорд поставен лани токму на Скопскиот маратон. Нашата тактика е со мое диктирање на темпото, како и лани, да ја постигнеме посакуваната цел – вели нејзиниот тренер Јакимовски, кој лани заедно со Поп Арсова влезе во целната рамнина.