Дел од македонската репрезентација во Тампере

ПО ЕП ЗА КАДЕТИ, ЈУНИОРИ И ЗА ПОМЛАДИ СЕНИОРИ

Златото на Стојановиќ, сребрата на Басаров и на Смилковски и бронзата на Белистојаноски се само уште еден доказ дека македонското карате, како еден од најтрофејните спортови во Македонија, има иднина и вистинска штета е што „белите кимона“ не се повеќе дел од летните олимписки игри

Македонската карате-репрезентација во борби и во кати се враќа од 48. Европско првенство (ЕП) за кадети, јуниори и за помлади сениори (до 21 година), што се одржа изминатиот викенд во Тампере, Финска, со четири медали, што, секако, претставува голем успех, кој е уште повреден ако се знае дека на ЕП во Тампере настапија над 1.000 натпреварувачи од 45 држави.

По првите два натпреварувачки дена, со злато се закити Стефан Стојановиќ во јуниорска конкуренција (категорија над 76 кг), со сребро Андреј Басаров во кадетска конкуренција (над 70 кг), а Матеј Белистојаноски, исто така, во кадетска конкуренција (до 55 кг) освои бронза, предводени од селекторот во борби Александар Кузмановски.

За успехот да биде комплетен се погрижи помладиот сениор Столе Смилковски (до 67 кг), кој предводен од селекторот Арлинд Хусеини се качи на славеничкиот подиум со освоен сребрен медал. Солидни настапи имаа и Љупче Михајлов (до 68 кг, постигна три победи, загуби во четврт-финалето), Бојан Костов (до 61 кг, две победи и пораз во четврт-финалето), Иљи Биљали (беше блиску до медал, го освои петтото место)… Од каташите, предводени од селекторот Стојан Андриевски, најдобар пласман оствари надежниот член на Металург, Александар Неделковски, кој во категоријата помлади сениори дојде до третата фаза и го освои седмото место, а нијанси го делеа од пласман на петтото место. Машкиот ката-тим екипно го освои седмото место, а женскиот деветтото.

Смилковски со селекторите Хусеини и Кузмановски

Очигледно, Тампере е среќен град за македонските каратисти, оти токму на татамите во тој град и најдобриот македонски каратист, Емил Павлов (до 60 кг), првпат стана европски шампион, во 2014 година, но во сениорска конкуренција (потоа овој успех го потврди и на ЕП во Нови Сад во 2018 година, а двапати беше трет во Европа, во 2015 и во 2019 година).

Овој ефект на македонските каратисти е дотолку поголем, а каратистите на висина на својата задача, ако се знае дека овој пат подготовките за настап, како и ЕП се одржаа во услови кога владее пандемија на коронавирусот. На минатото ЕП во Будимпешта во 2020 година, Македонија освои два медала помалку. Помладиот сениор (до 21 год.) Роберто Ацковски (до 67 кг) и јуниорот Бојан Костов (до 57 кг) се закитија со бронзи.

Со освоените медали се постигна целта и уште еднаш се покажа зошто каратето е еден од најтрофејните спортови во поединечна конкуренција. Оваа генерација млади надежни каратисти од ЕП, а за некои натпреварувачи тоа беше и деби-настап, очигледно дека ветува многу. Македонија има европски и светски медалисти во сениорска конкуренција, а нивните медали само треба да бидат уште поголем потстрек и за следните генерации млади каратисти во годините што следуваат, за да стигнат и до сениорски медали.