Карлсен ја доби и третата партија од последните четири и поведе со 6-3, така што Непомнијашчи сега треба да победи на три од преостанати пет партии за да обезбеди тајбрејк

ШАХ – МЕЧ ЗА СВЕТСКИ ПРВАК

Светскиот шаховски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.855 рејтинг-поени), ја доби деветтата партија против предизвикувачот, Русинот Јан Непомнијашчи (2.782), што се игра во Дубаи (ОАЕ) во 14 партии, и поведе со 6-3. Мечот сега теоретски може да заврши и по 11-та партија, оти Карлсен ја забележа и третата победа во последните четири, откако Непомнијашчи направи превид во 27-от потег, што го чинеше ловец помалку, а потоа и трет пораз. Беше играно англиско отворање, а Русинот, кој ги имаше белите фигури, се предаде во 39-от потег. Десеттата партија се играше вчера.
Само двајца шахисти во историјата за светски првак успеале да се вратат по негатива од три поени, Вилхелм Штајниц и Макс Еве. Но тие имале за тоа повеќе партии отколку петте на Русинот. Карлсен, пак, треба да освои уште 1,5 поен од можните пет (притоа трипати ќе игра како „бел“), за да го избегне тајбрејкот со забрзано темпо, што, пак, го играше во последните два меча.
– Смешно што постои начин да се погреши ваква позиција со еден потег, но, ете, кој би можел да го знае тоа? Се чувствувам полошо од очекуваното – изјави Непомнијашчи, кој по одигрувањето на кобниот потег излезе од салата, а се врати дури по 18 минути, додека Карлсен возврати за три минути и за сето време не стана од столот, не верувајќи во она што го одигра претендентот.
Карлсен го нарече она што се случи во партијата како доста апсурдно.
– Во основа, не очекував да освојам фигура за ништо. Тоа беше партија во која бев под притисок и на таблата и на часовникот, а пресвртот беше многу неочекуван. Тој имаше лоша среќа и што немаше никаков обид што би му дал некакви шанси – рече Карлсен, пред да признае дека ваквата победа не му дава толку добро чувство, како победата во шестата партија.