На ЕП во Пореч се пријавени над 500 натпреварувачи од 47 држави, а Македонија ќе настапи со 19 каратисти. Од 2007 година на континенталните првенства се освоени 15 медали

Македонската карате-репрезентација, од денеска до недела, ќе настапи на 56. Европското првенство (ЕП) за сениори во хрватскиот град Пореч. Предводени од селекторите Сашко Арсовски (борби) и Стојан Андриевски (кати), боите на Македонија ќе ги бранат 19 каратисти, од кои петмина во кати.
По последните заеднички тренинзи одржани во Дојран, репрезентативците се подготвени да се претстават во светло издание, а традицијата за освојување медали да продолжи (од 2007 година на европските првенства се освоени 15 медали, од тоа по три златни). Најголема надеж за медал е кандидатот за настап на Летните олимписки игри (ЛОИ) годинава во Токио (Јапонија), Емил Павлов, кој од континенталните првенства има по две злата и бронзи. Тој во Пореч ќе настапи утре.
– Мое очекување од Европско првенство во Пореч е да имам успешен настап, односно освојување медал, а зошто не и златен, и со тоа третпат да станам европски првак.

Овој европски настап е само последна постојка пред квалификацискиот турнир во Париз од 11 до 13 јуни за настап на Летните олимписки игри, кој за мене претставува најголема цел и затоа ќе се обидам да отпатувам таму со победничка атмосфера од Пореч – вели Павлов, кој има и бронза од 1. Европски игри во 2015 година во Баку.
И селекторот во борби Арсовски е оптимист пред настапот на неговите избраници на ЕП.
– Очекувам добар настап на сите репрезентативци, а главниот акцент за медал го ставам на Павлов, како и на машкиот екипен состав. Но тоа не значи дека и преостанатите не можат позитивно да изненадат – вели Арсовски.
Кај каташите, пак, најмногу се очекува од Александар Неделковски и од Пулексенија Јованоска. Финалните борби се закажани за сабота од 9.30 до 20 часот, а екипните се в недела од 9 до 14.30 часот.


МАКЕДОНИЈА НА ЕП 2021

БОРБИ
Мажи: Емил Павлов (категорија до 60 кг), Давид Петков (до 67 кг), Доан Османи (до 75 кг), Петар Спасеновски (до 84 кг), Вегим Мурати (над 84 кг). Екипно: Павлов, Османи, Спасеновски, Мурати, Жарко Арсовски, Берат Јакупи, Виктор Крстевски.
Жени: Сара Радичевска (до 50 кг), Симона Заборска (до 55 кг), Моника Пендаровска (до 61 кг), Ангела Мојсовска (до 68 кг), Симона Симовска (над 68 кг). Екипно: Заборска, Пендаровска, Мојсовска, Бојана Манева.

КАТИ
Мажи: Александар Неделковски.
Жени: Пулексенија Јованоска. Екипно (мажи): Давид Спасовски, Александар Спасовски, Кристијан Бајовски.