Наковска-Бикова, која на ПОИ во Лондон во 2012 година освои злато со воздушен пиштол (10 м), на ПОИ во Токио годинава ќе настапи во три дисциплини (воздушен пиштол од 10 метри, спорт-пиштол од 25 м и воздушен пиштол слободен избор од 50 м)

СТРЕЛАШТВО – СВЕТСКИ КУП ВО НОВИ САД, ВО ПРЕСРЕТ НА ПАРАОЛИМПИСКИТЕ ИГРИ ВО ТОКИО

Оливера Наковска-Бикова го освои златниот медал на Светскиот куп (СК), во стрелаштво во Нови Сад, што претставува и последен официјален настан пред почетокот на Параолимписките игри (ПОИ) во Токио годинава (од 24 август до 5 септември).
– Оливера во дисциплината П2, воздушен пиштол, со резултат од 570 круга (91, 96, 96, 94, 96, 97) го освои првото место во основниот дел, а подоцна во финалето (со резултат 235,5 круга – н.з.) беше поуспешна од Унгарката Криста Давид. Ванчо Каранфилов (539 круга) и Александар Јовановски (538 круга) не успеаја да се изборат за влез во финалето. СК во Нови Сад трае до недела, а на него учествуваат натпреварувачи од 20 држави – вели селекторот на македонската репрезентација, Бранимир Јовановски.
Наковска-Бикова на ПОИ во Токио ќе настапи во дисциплините воздушен пиштол од 10 метри (31 август), спорт-пиштол од 25 м (2 септември) и воздушен пиштол слободен избор од 50 м (4 септември). Настапот во Токио ќе ѝ биде петти во низа на ПОИ, а во Лондон во 2012 година таа освои злато со воздушен пиштол (10 м).