Втората сениорска лига под посебен протокол одобрен од Комисијата за заразни болести ќе се игра во хотелот „Метропол“ во Охрид

ШАХ

Со партиите од 1-то коло, денеска (17.30 ч.), треба да започне Втората шаховска лига на Македонија (21-24 август), која под посебен протокол одобрен од Комисијата за заразни болести ќе се игра во хотелот „Метропол“ во Охрид. Лигата има квалификациски карактер, односно првите три ќе обезбедат пласман во Првата лига на Македонија.
Пријавени се 11 екипи поделени во две групи. Во групата А се Стево Патако (просечен рејтинг 2.163 поени), 4 Ноември (1.969) и двете од Битола, МКС Центар (1.991) од Скопје, Ласкер (1.281) од Охрид и Струга (1.178). Во групата Б се екипите на Фишер (1.701) од Куманово, Карпош (2.053) од Скопје, Анпасан (2.137) од Шипковица, Каменица Саса од Македонска Каменица, Теута (1.413) од Матејче и Шкендија од Тетово.

Според најавениот состав, фаворити за првите три места се Анпасан, за кој се пријавени и двајца шахисти од Албанија, потоа Стево Патако и Карпош. Прворангиран е ИМ од Албанија Љамби Паско (2.410), а се пријавени четворица ФМ и еден АФМ.
Најдобрите две екипи од двете групи со претходно освоените бодови, в понеделник, ќе одиграат уште две кола со екипите што не играле од другата група. Секој меч се игра на по шест табли со темпо на размислување од 90 минути за цела партија, плус 30 секунди за секој одигран потег по играч. Судија на првенството е интернационалецот Иван Кочовски.