Шведскиот атлетичар славеше и во Доха, со што победи на сите 16 митинзи сезонава, двапати го собори светскиот рекорд и постави најдобар светски резултат на отворено
Шведскиот атлетичар Арманд Дуплантис (20) ја оствари и 16-та победа во низа во скок со стап, откако победи и на последниот атлетски митинг од „Дијамантската лига“ за годинава, што се одржа во Доха, Катар. Дуплантис не успеа да постави нов светски рекорд, со оглед на неговата форма годинава, и победи со 5,82 метри, што е далеку од најдобриот резултат на отворено, кој неодамна го постави на митингот во Рим, кога прескокна 6,15 метри, а во февруари годинава постави и светски рекорд од 6,18 метри.
Американецот Сем Кендрикс беше втор, а Французинот Рено Лавилени трет, сите тројца прескокнувајќи иста височина, но Дуплантис го направи тоа од помалку обиди. Кендрикс беше последниот што успеа да го победи Дуплантис, и тоа токму во Доха на минатогодишното Светско првенство.
Дуплантис, кој својот прв скок со стап го извел на четиригодишна возраст, досега освои злато на Светското првенство (СП) за млади (2015 година), СП за јуниори (2018), Европското првенство (ЕП) за јуниори (2017) и ЕП за сениори (2018), потоа сребро на СП за сениори (2019) и бронза на СП за јуниори 2016 година.