АТЛЕТИКА
Секогаш има простор за подобрување и затоа не мислам дека завршив со напредокот, вели Дуплантис, светскиот рекордер во скок со стап со прескокнати 6,18 м
Арманд Дуплантис (21), светскиот рекордер во скок со стап, е оптимист во пресрет на новата натпреварувачка година, сметајќи дека може да скокне повеќе откако во 2020 година постави два нови светски рекорда.
– Дефинитивно мислам дека можам да скокнам повисоко. Секогаш има простор за подобрување и затоа не мислам дека завршив со напредокот. Колку високо? Не знам, но мислам дека има уште многу – изјави Дуплантис за „Би-би-си“.
Швеѓанецот прескокна 6,18 м во Глазгов во февруари годинава, откако една недела порано постави нов рекорд од 6,17 м. Тој, со резултат од 6,15 метри на отворен простор во Рим во септември, го надмина и дотогашниот рекорд за скок на отворено на украинската легенда Сергеј Бубка.
Бубка, кој во својата кариера освои светско и олимписко злато и го соборуваше светскиот рекорд повеќе од 30 пати, изјави дека Дуплантис би можел да прескокне дури и 6,25 метри.
Дуплантис, пак, признава дека можноста да го надмине Бубка на врвот на скоковите на отворено го одржувало во текот на целата оваа 2020 година, која беше натпреварувачки ограничена поради пандемијата на ковид-19.
– Тоа ми беше главната мотивација за оваа сезона на отворен простор, за на крајот да прескокнам 6,15 метри и да се забетонирам како скокач со најголем скок на отворено – вели Дуплантис.
Швеѓанецот освои сребро зад Американецот Сем Кендрик на Светското првенство во Доха во 2019 година, но потоа победи на сите 16 настани што следуваа.
– Освојувањето олимписко злато е мојот сон. Уште како дете сакав да освојам олимпиското злато, да бидам најдобриот скокач со стап во светот. Тоа е големата цел за следната година – вели Дуплантис.